Кокаинот од Романија имал ознаки „ЦР7“

139

Романската полиција во продолжението на истрагата за шверцот на кокаин, зад кој наводно стојат членови на Шкаљарскиот и на Врањанскиот клан, откри дека на пратката со дрога стоеле ознаките „ЦР7“. Откако во март годинава во делтата на Дунав, на сливот во Црно Море, беа пронајдени 1.040 килограми кокаин, кои испловија од потонат брод, на брегот се пронајдени нови пакети со дрога, објавија романските медиуми.

– Овие пакети ја имаа шифрата на фудбалерот Кристијано Роналдо – „ЦР7“, како и ознаки на позната светска златарница. Тие се дел од товарот што во март беше запленет при прекинување на каналот за транспорт на кокаин од Латинска Америка во Европа. Оваа дрога е со чистота од 90 отсто и може да ја доведат полицијата до лицето од кое е купена. Процентот на чистота го одредува потеклото на доставувачот на дрогата – објаснува соговорник за „Курир“.

Српската и романската полиција открија дека зад оваа испорака наводно стојат Игор Д., кој е еден од водачите на Шкаљарскиот клан, и Давор Т., водач на криминалниот клан од Врање.

– Постои сомневање дека Давор ја предводи меѓународната криминална група што шверцува дрога од Јужна Америка во земјите на ЕУ. Во Србија тој е повеќепати апсен, но пријавите против него биле отфрлани. Има сознанија дека оваа криминална група соработува со криминалната група од Котор – пренесува „Курир“.

Од полицијата веруваат дека запленетата дрога на брегот на Црно Море во Романија е дел од поголема пратка, а на тоа наведуваат и пакетите со дрога што испливуваат на брегот на Бугарија. Постојат претпоставки дека целата испорака била тешка три тони, која била поделена во два брода. Најверојатно едниот брод успеал да стигне до своето одредиште, а другиот потонал во регионот на романскиот брег, пренесуваат српските медиуми.