Кларк: Додека САД и ЕУ спиеја, на Балканот се активираа други сили

837

Мнозинството Американци и Европејци смета дека прашањето на бруталниот конфликт во Западен Балкан е решено, но, за жал, тоа е далеку од вистината, пишува во авторскиот текст за весникот „Вашингтон Пост“, пензионираниот американски генерал Весли Кларк, кој командуваше со силите на НАТО во 90-те години на минатиот век.

– Минаа повеќе од две децении од кога со Ричард Холбрук и нашиот тим преговарав за завршување на војната во БиХ. НАТО тогаш реагираше и го стопираше српското етничко чистење во Косово. Денес тие држави од регионот се членки на НАТО, а две членки на Европска унија. Косово е независно – пишува Кларк.

Но, според него, честите политички судири од „етно-религиски карактер меѓу тие нации“ континуирано се закануваат да „метастазираат во национална и регионална криза, правејќи го регионот примарна мета за вплеткување на странски сили“.

Мешавината на лошото владеење, економска стагнација и слабите институции направија „мало, но значајно малцинство ранливо на регрутирање од страна на насилните џихадисти”, смета американскиот генерал. Сето ова го прави регионот простор, кој го експлоатираат терористичките организации и држави, како Русија, Кина и Турција.

Кларк вели дека САД поголемиот дел од обврските и ги предале на ЕУ, со оглед на тоа дека иднината на земјите од регионот е во блокот.

-Но, додека САД и Европа спиеја, други сили се активираа – вели тој.

Кремљ, според него, го зајакнува своето влијание и поттикнува спротивставување на ЕУ и НАТО, поддржувајќи екстремистички групи, обезбедувајќи воена помош и разгорувајќи етнички поделби, кои ги „вртат православните против муслиманите” намерно подигајќи „тензии, кои беа гориво за војните во деведесеттите години”.

Тој, исто така, пишува за зајакнување на улогата на Турција и за „донации од Саудиска Арабија за џамии и верски организации”.

Според него и Кина го бара своето место, нудејќи инвестиции за инфраструктурни проекти кои „секогаш доаѓаат со одредени услови”.

– САД и Европа мора да останат посветени на Западен Балкан. Подрачје на слободна трговија е добра идеја, но таа не може да ги замени гаранциите кои ги даваат НАТО и ЕУ. Мора да постои јасен патоказ за членството во ЕУ. Иако народите во регионот не се согласуваат со многу прашања, тие се единствени во спротивставувањето на ИД и во економските проблеми – наведува Кларк.

Тој додава дека мора да осигура оти милијардите долари инвестирани во регионот нема да пропаднат.
– Имаме многу начини за спречување на мрачната дестабилизација на Западен Балкан. Да ја потврдуваме нашата посветеност во помогањето на овие демократии да го достигнат својот целосен потенцијал – заклучува генералот Кларк.