Кирилицата непожелна на сообраќајните знаци

203

На сообраќајните патокази поставени меѓу Неум и Мостар се пречкртани називите за населените места што се напишани на кирилица. Иста е состојбата и во другите општини во Босна и Херцеговина, предупредуваат од Одборот за заштита на правата на Србите во БиХ.

Со црна боја се бојадисани и натписите на кирилица на влезот на Сараево, а целта на овој чин е да се испрати порака до Србите.

– Кога ќе се избрише кирилицата на влезот на некој град, пораката е дека Србите не се добредојдени – вели Ѓорѓе Радовановиќ, претседател на Одборот за заштита на правата на Србите во Федерацијата на БиХ.

Од претпријатието „Патишта на Федерацијата“ го признаваат овој проблем и нагласуваат дека тоа се решава во рамките на редовните активности за одржување на сообраќајните ознаки.

– За жал, уништувањето на сообраќајната сигнализација е често. Прецртување и бојадисување на натписите има, а за нивно отстранување се задолжени вработените во рамките на редовните активности. Немаме евиденција за бројот на оштетените патокази и за висината на штетата – изјавуваат од ова претпријатие.