Како анонимниот борец за демократија успеа да победи против Ердоган

732

Турскиот опозициски кандидат Екрем Имамоглу освои убедлива победа на неодамнешните изборите за градоначалник на Истанбул, задавајќи му тежок пораз на претседателот Реџеп Таип Ердоган, чие владеење започна во 1994 година како градоначалник на Истанбул, пренесува американскиот магазин „Тајм“. Имамоглу им честиташе на своите поддржувачи „за победата на турската демократија пред лицето на целиот свет“.

Имамоглу не беше познат на политичката сцена на Турција, се до локалните избори во март годинава. Тој храбро ја издржа битката за да стане градоначалник на Истанбул, па дури и откако турскиот изборен одбор ја поништи неговата победа. Со разлика во победата од само 14.000 гласови, или околу 0,16 отсто, Имамоглу стана најсериозниот противкандидат на претседателот Ердоган во последните неколку години.

Имамоглу е поранешен шеф на градежна компанија, кој првпат влезе во политиката во 2009 година. Тој стана популарен избор на опозициската коалиција на Народната републиканска партија, а поддршката од народот ја доби градејќи добар однос и давајќи пример за добар, компетентен и слободоумен водач.

Во неговите говори, тој нагласуваше дека турскиот народ треба да работи сложно за да ја победи сиромаштијата, а на почетокот на годинава тој се сретна со Ердоган со цел да дискутираат за иднината на Истанбул, гест кој беше позитивно прифатен од народот кој честопати се чувствуваше оттуѓен од владеачката партија во земјата. Честопати тој беше присутен на митинзите, разговараше и ги слушаше барањата на граѓаните.

– Зборувавме за сиромаштијата, за правдата, зборувавме за прераспределбата на ресурсите и за мирен соживот на луѓето.  Луѓето почувствуваа дека сум искрен со нив – изјави Имамоглу во интервју за „Тајм“.

Во неговата кампања во март, Имамоглу успеа да ја придобие и поддршката на Курдите кои не беа задоволни од апсењето на нивните политички претставници во Истанбул. Поддршка му даде и работничката класа за која беше се потешко да најде работа. Сето ова му помогна на новоизбраниот лидер да го освои Истанбул и да го одземе од рацете на Партијата за правда и развој за првпат по 25 години. Тој на изборите се претстави како борец во битката за демократијата во земјата.

И покрај поддршката која ја доби од толку голем број луѓе, Имамоглу беше обвинет дека е терорист од страна на турските медиуми, а исто така тврдеа дека неговата политичка кампања е финансирана од страна на Грција, турскиот долгогодишен непријател број еден. Новинарството во Турција во последните неколку години е на лош глас, во земјата во која беа уапсени рекорден број новинари. Но, победата на Имамоглу е знак дека железниот стисок на Ердоган околу медиумите конечно попушта.

– Не само што луѓето се повеќе се оттргнуваат од весниците, туку тие не ги голтаат слепо пораките кои ги има во нив – изјави Сонер Гапактау, автор на книгата „Новиот султан“, книга која е посветена на Ердоган и кризата во модерна Турција.

– Имамоглу има добро искуство, и се надеваме дека ќе се кандидира против Ердоган во 2023 година. Тој претставува се што недостигаше во нашата земја многу долго време – изјавија поддржувачите на Имамоглу.

Според Гонул Тој, директор на Институтот за турски студии, губењето на битката за Истанбул може да биде „почеток на крајот“ за владеењето на Ердоган. Имамоглу ја доби поддршката од речиси 84,4 отсто на изборите, според резултатите објавени во понеделникот. Сите очи се вперени во Турција и очекуваат да видат дали демократијата и владеењето на правото уште функционираат во земјата.