Каков е концептот за интеграции на владата на Курти

98
Косово е многу назад во европските процеси и улогата на министерот Река ќе биде од церемонијален карактер

Политичката јавност е поделена во ставовите за изборот на Блерим Река за министер за евроинтеграции во новата косовска влада, но едно од отворените прашања е дали постои политички конфликт на интереси

„Од денеска во Владата на надежта, како министер за европска надеж. Со среќа, Косово!“, напишал Блерим Река на својот профил на Фејсбук откако новиот косовски премиер Албин Курти и официјално го назначи за министер за европски интеграции во косовската влада. Информацијата за изборот на новата косовска власт во Приштина, која беше проследена и со надежната порака од новиот министер за европско поврзување, уште еднаш ја отвори дилемата за тоа кои се вистинските мотиви на новиот премиер да се одлучи за министер што има двојно државјанство. Политичката јавност во Македонија е поделена во ставовите, но едно од отворените прашања е дали постои политички конфликт на интереси, со тоа што Река е избран за министер во странска држава, иако тој претходно извршувал и значајни државни функции во Македонија, а на последните претседателски избори во Македонија се кандидира како независен кандидат, но со политичка поддршка од Алијанса за Албанците и од движењето Беса. Нејасно е и тоа како Блерим Река ќе се постави во однос на идните надворешни релации меѓу Косово и Македонија?

За Биљана Ванковска, професорка и колумнистка, нема дилема дека Блерим Река ќе ја извршува професионално функцијата за која е именуван, но, како што нагласува таа, постојат повеќе спорни моменти, а пред сѐ за неговото двојно државјанство. Прашањето е кога Река го има стекнато државјанството на Косово, а особено е важно дали Државната изборна комисија на Македонија добро си ја завршила работата при прифаќањето на неговата кандидатура за избор на претседател на државата, од причина што за врховен командант на македонските вооружени сили би можело да биде избран некој што има двојно државјанство!

Биљана Ванковска

– Втората страна, гледано од косовска страна, е колку има капацитет односно простор и можности Блерим Река да се ангажира околу европското интегрирање. Косово е многу назад во тој процес, затоа што и самата држава не е признаена од некои земји-членки на Европската Унија. Затоа, тој како министер за евроинтеграции би имал некоја симболична улога, која би се свела на лобирање. Подобро кажано, Река би извршувал протоколарна функција, односно церемонијална улога. Практично, тој не може да направи ништо позначајно во некое европско интегрирање на Косово, од причини што процесот на проширување на ЕУ е запрен на неодредено време, и тоа на подолг период – нагласува Ванковска.

Од некој поширок балкански контекст, изборот на Блерим Река во министерскиот состав на новиот премиер Албин Курти може да се гледа и како можност за остварување на идејата за „живеење на сите Албанци во една држава“.
– Ова индиректно нѐ наведува на оваа асоцијација, затоа што кај албанската политичка елита Европската Унија се користи како фасада, зад која се остварува сонот да се живее во една држава. Можеби и мотивот на Албин Курти, во неможност да најде соодветна личност во Приштина, која ќе може да обединува на некој европски пат, е да се одлучи за ова кадровско решение, односно за Река, кој е од некоја друга држава. На некој начин, Курти сака да ги надмине границите, сметајќи на човек што е добар, образован и влијателен и кој ќе може да користи на идејата за обединување – вели Биљана Ванковска.

За колумнистот Александар Русјаков, исто така, не е јасно колку изборот на Блерим Река може да влијае на некое поголемо европско интегрирање на Косово.
– Како прво, Косово не е признаено како држава и тој процес е многу назад. Балканот и ние во него уште долго ќе бидеме во друштвото на мини-шенген – ни одговори Русјаков.

Аналитичарот Насер Зибери пред еден месец во изјава за „Нова Македонија“ рече дека зад предлогот Блерим Река да биде дел од новата косовска влада, стојат исклучиво неговата успешна кариера како професор по меѓународни односи и неговата стручност. Изборот на Река за министер за евроинтеграции не треба да се гледа низ идејата за некакво сеалбанско поврзување на Балканот. Според Зибери, со дипломатскиот интегритет, тој ќе може подобро да балансира во релациите меѓу Белград и Приштина и обновувањето на дијалогот што ќе следува по изборот на новата влада во Приштина.

Река е универзитетски професор по меѓународно право и беше кандидат за претседател на Македонија на претседателските избори во 2019 година. Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Приштина. Од 2006 до 2010 година беше македонски амбасадор во ЕУ, како и декан и проректор на Факултетот за јавна администрација во Универзитетот на Југоисточна Европа.