И алтернативата за ЕУ тешко достапна за Западен Балкан

208

Зачленувањето на земјите од Балканот во Европската Унија во наредните десет години е нереално, но исто така и приклучувањето кон Унијата преку зачленување во Европската економска заедница. Алтернативата што се нуди преку зачленување во ЕЕЗ, според норвешкиот модел, е неповолна за „посиромашните“ земји, како што е Србија, предупредуваат соговорниците на весникот „Данас“. Елвира Ковач, претседателка на собранискиот Одбор за европска интеграција, посочува на проблемите со кои би се соочиле домашните земјоделци при евентуално влегување во ЕЕЗ.
– Норвешка беше една од основачите на ЕФТА, која беше алтернатива на ЕЕЗ што ѝ претходи на ЕУ. По неуспехот на референдумите во 1972 и 1994 година за зачленување во ЕУ, на Норвешка ѝ беше овозможен пристап на единствениот пазар на ЕУ што значи и олеснување на слободното движење на производи, капитал, услуги и луѓе. Тоа значи ослободување од царинските такси, но храната и пијалаците се исклучени, затоа што ги субвенционира ЕУ. Придружувањето на Норвешка во ЕУ како полноправна членка би ги елиминирало овие надоместоци и би довело до пониска цена на храната во Норвешка. На ова се противат норвешките земјоделци и рибари, затоа што ќе имаат дополнителна конкуренција. Меѓу Норвешка и ЕУ има слободно движење на работниците, но Норвешка е дел од шенгенскиот простор – објаснува Ковач.

Таа вели дека промената на норвешкиот модел за Србија би било политичко прашање, но како што забележува таа, ни Србија, ни земјите од Западен Балкан не се богати како Норвешка. Во случај да се пристапи на овој модел сигурно би се изгубило правото на користење на претпристапните фондови на ЕУ, што би предизвикало голем проблем.
Сузана Грубљешиќ, директорка на Центарот за стратегиски анализи и прогнози, вели дека ова подразбира придружување во два чекора, прво во ЕЕЗ, а потоа и во самата ЕУ.
– Оваа идеја се актуализира затоа што постои застој во проширувањето. Во суштина тоа би било економска интеграција, без политички компоненти. На Западен Балкан оваа понуда се доживува како одбивање од ЕУ да прими нови членки и затоа оваа опција не се разгледува сериозно – вели Грубљешиќ.
Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски работи, смета дека овој модел не е применлив за Србија и речиси тоа е неможно.
– Трите членки на ЕЕЗ, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, не се во ЕУ, но се значително побогати земји од Србија. Состојбата со човековите права, владеењето на законот, демократијата и стабилноста на политичките институции ги надминуваат минималните барања за членство во ЕУ.

Србија не ги исполнува ни минималните услови за ЕУ и не може да стане ни членка на ЕЕЗ. Гледано низ економските параметри, имаме повисока инфлација, низок индустриски развој, низок стандард, корупција, економски картели, нетранспарентни и големи државни субвенции, неслободна економија и како таква не може да биде дел од најразвиениот економски клуб на светот – објаснува Бешири.
За алтернативната опција наместо проширување на ЕУ кон регионот, се огласи и македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој рече дека од наша страна бил одбиен предлогот за пристапување на Македонија во ЕЕЗ, а ваквите иницијативи се прифатливи само доколку тие се преодно решение до полноправно членство во ЕУ.