Истражување: Србите најмногу ги сакаат Грците

123

Граѓаните на Србија најмногу во регионот ги сакаат Грците, потоа Црногорците, а на трето место се Македонците, покажуваат резултатите од истражувањето на „Фактор плус“, објавени во белградскиот весник „Данас“.

Анкетата покажува дека 43 проценти од испитаниците најпозитивно се изјасниле за Грците, 20 отсто за Црногорците, а 18 проценти за Македонците.

За Албанците, најнегативно мислење има една третина од српските граѓани или 33 отсто од испитаниците, додека дури две третини од Албанците имаат најнегативно мислење за Србите, дури 68 проценти.

Албанците по Србите имаат најнегативно мислење кон Црногорците – 13 отсто.

Најлошо мислење, кога станува збор за народите во регионот, Србите имаат пред се за Хрватите или 45 отсто.

Кога станува збор за позитивни мислења, граѓаните на Србија најмногу ги сакаат Грците 43 проценти, а Албанците ги сакаат Италијанците – 44 отсто, потоа Грците – 22 отсто, а следат Црногорците со 16 проценти позитивни одговори.

Истражувањето е спроведено во август годинава на примерок од 1.000 испитаници во Србија, без Косово и 1.000 испитаници во Албанија.

Тоа е првото такво компаративно испитување на јавното мислење во двете земји на тема “Односите меѓу српскиот и албанскиот народ, перспективата на овој однос, точките на споровите, можности и области на соработка”.

Истражувањето е дел од еден поширок проект на тема „Срби и Албанци – и како понатаму“.