Истрага за уривањето на станбените згради во Драч

34

Обвинителството во Драч ги запленило документите од локалниот катастар, со што официјално почна истрагата за минатонеделниот земјотрес во кој само во тој град се урнаа многу станбени згради и загинаа 23 луѓе.

– Постојат основани сомненија дека смртните случаи и штетите на објектите настанале како последица на нелегална градба и непочитување на прописите и стандардите при изградбата – се наведува во документот на Обвинителството, пренесуваат албанските медиуми.

Во земјотресот се оштетени повеќе од 5.000 објекти, а во домовите не можат да се вратат околу 9.000 луѓе. Вкупно во земјотресот во Албанија загинаа 52 луѓе, а повеќе стотици се повредени.

Министерот за земјоделство и координатор за менаџирање со кризи, Бледи Чучи, вели дека во Тирана се оштетени 525 куќи и 3.100 стана.

– Што се однесува до сместувањето на луѓето погодени од земјотресот, 4.000 лица се сместени во хотели, 2.054 во сали, додека 26 сѐ уште се во болници. Под шатори се 6.500 луѓе, додека 390 се во социјални станови. Големи оштетувања има кај 36 училишни објекти, а од нив четири се во Тирана – рече Чучи.