Иселениците се вратија, докторите останаа во странство

2604

Балканските земји се соочуваат со недостиг од стручен персонал во време на здравствена криза во регионот. Српската влада ги повика медицинските лица што работат во странство да се вратат во Србија и да помогнат во справувањето со епидемијата на коронавирусот, но засега нема никаков одзив од иселениците што работат во медицинските служби

Последиците од масовниот одлив на квалификуван медицински кадар од земјите на Западен Балкан дојдоа до израз за време на ширењето на коронавирусот. Работењето со намален персонал во јавните здравствени системи, дополнително е нарушен со заболување на лекари и медицински лица од оваа зараза. Во сите балкански земји има регистрирано заболени лекари и сестри, кои се заразиле на своите работни места, што беше причина за затворање на цели оддели или клиники. Последниот случај е за лекар од општата болница во Бар, кој се инфицирал од вирусот, а поради ова од викендот во изолација се наоѓаат 43 здравствени работници од оваа регионална болница за црногорското приморје. По појавата на коронавирусот, Институтот за јавно здравје на ЦГ ги испрати во домашна изолација сите гинеколози, хирурзи, инструментарки и бабици од болницата во Бар.

Состојбата е слична и во другите земји на Балканот. За да се одржи здравствената заштита на граѓаните на одредено ниво, Владата на Србија ги повика домашните медицински лица што се на работа во странство да волонтираат во периодот на криза. Во Србија, по појавата на кризата се вратија околу 70.000 работници, но нема податок колку од нив се со медицинско образование. Исто така, и западните земји се соочуваат со епидемијата и затоа секој доктор или медицинска сестра им се потребни. Во Хрватска беше даден предлог Владата да им овозможи на сите студенти што се во завршните години од студирање да можат да се вклучат во борбата против епидемијата. Во Италија беа ангажирани студентите по медицина и лекарите во пензија, а во Германија студентите беа обучувани за работа со респираторите, за што дополнително ќе се јави потреба од такви лица, со натамошното ширење на епидемијата.

– Не сум во можност да ја разгледувам опцијата за да се вратам во татковината. Овде имам работен однос, како и сите други медицински работници во странство. Не заборавам дека државата ме образова, но не направи ништо за да нѐ задржи мене и многу мои колеги. За многу сјајни лекари од мојата генерација во тој систем немаше место. Сѐ уште е силна горчината од тоа искуство – вели Јелена Топаловиќ, која шест години работи во Германија, во изјава за „Дојче веле“.
Бројот на медицинските работници што ја напуштаат Србија постојано расте. Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, чие министерство соработува во проектот „Тачка повратка“, што се реализира со помош на УНДП, забележува дека Европска Унија ги условува здравствените работници што работат на нивна територија дека доколку се вратат во Србија, никогаш повеќе нема да можат да се вработат во ЕУ.

Подготвеноста на здравствениот систем на Македонија, исто така, е ставен пред голем испит во справувањето со болеста ковид-19. Докторот Божидар Кочоски од Клиниката за хематологија, кој е член на Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, вели дека миграцијата на работната сила направила голем удар врз помалите земји. Како една од мерките што тој ја предлага за подобра одбрана на населението е поскоро вработување на многу млади доктори и пренос на соодветни знаења и вештини, за да се спречи одливот на медицински кадар во иднина.

– Во периодот на закрепнување од пандемијата очекувам олеснување на критериумите за вработување на медицински персонал, пред сѐ во Италија, Шпанија, Велика Британија, Германија, кои ќе придонесат за нов мигрантски бран кон овие земји. Затоа се потребни интервентни мерки за вработување на млади доктори. Верувам дека ќе успееме и со ладни глави ќе се подготвиме за идните предизвици што ќе следуваат – изјави Кочоски, за вчерашниот број на „Нова Македонија“.

Со коронавирус беа инфицирани и медицински лица во Македонија. Двајца доктори и две медицински сестри во Дебар се заразија со вирусот, а амбулантата беше ставена под карантин. Од вчера повторно почна да работи Клиниката за кожни болести во Скопје, откако пред три недели беше затворена бидејќи поранешната директорка со симптоми на коронавирус цела недела одела на работа. Таа сѐ уште се наоѓа на Инфективната клиника во Скопје.