Интернет-измамници организираат лажни наградни игри

125

Босна и Херцеговина

Многу граѓани биле жртви на измами на Интернет преку поставување лажен профил на социјалните мрежи со лажни информации за наградна игра со фотографии, а потоа се бара да се стави лајк, да се стави некој коментар и да се сподели страницата

Во последно време сѐ повеќе граѓани на Босна и Херцеговина се изложени на интернет-измами, а некои што се и корисници на социјални мрежи биле и жртви на сомнителните наградни игри на кои, наводно, се подаруваат вредни домашни апарати, мобилни телефони, садови за домаќинство, велосипеди, прехранбени производи. Медиумите во БиХ деновиве предупредуваат на измами при обложувањето преку Интернет.

Како што пишува „Дневни аваз“, сценариото за реализирање на измамата е слично. На лажен профил на социјалните мрежи се поставуваат лажни информации за наградна игра со фотографии, а потоа се бара да се стави лајк, да се стави некој коментар и да се сподели страницата. По извесно време лицето што се крие зад лажниот профил им се јавува на лековерните граѓани за да им честита на освоената награда. Но за да им се испорача, им се бараат фотографија и податоци од личната карта. Дури им се бара и самослик, на кој јасно се гледаат и податоците од личните документи.

Од полициската управа на Бања Лука неодамна предупредија на новиот бран на вакви измами. Организаторите на лажното обложување на наивните корисници им ветуваат дека ќе го добијат конечниот резултат за некој натпревар, но со барање на претходна уплата на парите. Доколку случајно се погоди резултатот, од истото лице се бара повторно да уплати сега на нов натпревар, со ветување дека резултатот предвреме ќе му биде соопштен. Откако ќе ја уплати повисоката сума, а корисникот нема да го „погоди“ резултатот што претходно му бил дојавен, тогаш веднаш го исклучуваат од одредениот профил.

– За жал, имаме целосно запуштена состојба при измамите на социјалните мрежи. Немаме ни законска регулатива за оваа област за да може да се преземе нешто против измамниците на Интернет, било да е во прашање педофилија, криминал и сл. – вели социологот Јусуф Жига.

Психологот Алма Махмутовиќ предупредува на отсуство на функционален систем, а тоа некому му одговара во услови кога многу граѓани се соочуваат со депресија, анксиозност или некоја друга болест.

– Доколку луѓето се позадоволни од својата работа и во домот, тие не мораат да бараат утеха и прибежиште во нешто друго и непознато. Сите сме под активен стрес и тогаш бараме смиреност во обложувачниците, алкохолот или дрогите. Самата помисла на добивка влијае на лачењето допамин, хормон што предизвикува чувство на среќа, која им е потребна на голем број луѓе – објаснува Махмутовиќ во врска со тоа зошто сѐ почесто луѓето наседнуваат на измамите преку Интернет.
Марко Ромиќ, специјалист за трауматска психологија и раководител на Клубот на лекувани зависници од комар од Мостар, вели дека на измамите во обложувачниците не наседнуваат само коцкарите. Поради сиромаштијата многу граѓани се подготвени да го дадат својот идентитет за килограм кафе или пакет храна што им се нудат преку лажните наградни игри.

– За квалитетна борба против измамниците на Интернет се потребни цела низа мерки што мора да бидат донесени од државата. Мора да се работи и на подигање на свеста кај младите лица дека не може да се живее добро без работа. Меѓутоа на власта ѝ одговара постоење на вакво хаос во обложувачниците. Тие го финансираат државниот апарат и пред сѐ партиите што се почеток и крај на сѐ во земјата. Не сакаме да се соочиме со проблемот со обложувањето. Ако се направи тоа, ќе видиме колку фамилии се несреќни, колку бракови пропаднале, колку луѓе го загубиле своето достоинство и имот – вели Ромиќ.

– Во Окружното обвинителство во Требиње моментално се работи на 166 предмети против 177 осомничени за имама преку Интернет. Поради обемноста на истрагата неизвесно е кога ќе биде поднесено обвинение – вели Срџан Вукановиќ, портпарол во обвинителството.
Најкомплицираниот дел во истрагата се состои во сослушување неколку илјади оштетени лица што живеат во државите од поранешна Југославија. Заедно со колегите од Република Српска се работеше во акцијата „Дојава“, во која биле оштетени многу лица, прво преку најавување спортски резултат, а подоцна тоа поминувало и во изнуда на пари.

Инспекторот од Одделот за сајбер-криминал Саша Петровиќ вели дека луѓето лесно им ги даваат личните податоци на непознати лица заради учество на некоја лажна наградна игра.
– Последната интернет-измама на која работевме е на лажниот оџа од Мостар, кој преку социјалните мрежи симнуваше магија. Наивните граѓани му испраќале по 300 конвертабилни марки за да се „заколе“ курбан. Тој решавал и приватни проблеми, а помагал и за подобар промет на фризерски салон, за што заработил значителна сума. Познат е и случајот на една жена што симнува магии преку испраќање златен накит, ставен во кафе – вели Петровиќ.

Еден од примерите за поголема измама е оној на седумдесетгодишна жена што поверувала на приказните за лажниот принц што патувал низ светот. Во даден момент таа му исплатила 60.000 евра наводно за лекување на болната ќерка на принцот, кој парите ќе ги врател кога ќе пристигне со бродот во Дубровник.