Зошто Кина ѝ фрли око на Грција?

2147
Си Џинпинг (десно) наздравува со Кирјакос Мицотакис

Грција неколкупати играше на картата „повикај пријател“ барајќи помош од Кина, по што потпиша договори за инвестиции со најмногубројната светска држава, па Европската Унија (ЕУ) стана претпазлива кон нејзината членка. По тридневната посета на кинескиот претседател Си Џинпинг неделава, претпазливоста на ЕУ е повеќе од оправдана, пишуваат светските медиуми.

Западните сили се претпазливи кога станува збор за Грција, откако Атина прифати натамошни инвестиции од Кина, со вредност од милијарди евра. Инвестициите, најавени за време на посетата на кинескиот претседател Си во Грција, ги разбрануваа европските земји.

Двете земји потпишаа 16 билатерални договори, кои опфаќаат широк спектар на сектори, со кои Кина се обидува да поведе глобална иницијатива со инвестиции и да продре во рамките на ЕУ токму преку Грција, пренесува јапонскиот магазин „Маиначи“. Според британски „Гардијан“, посетата на Си во Грција е со цел за подлабока соработка во сите сектори, но европските сили играат претпазливо.

Зделките ќе отворат голем дел од грчката економија за кинески инвестиции, во време кога Европската Унија е загрижена поради политичките и економските импликации предизвикани од кинеската иницијатива „Појас и пат“ која цели да изгради нови трговски патишта кон Западот, пренесува „Сиднеј морнинг хералд“.

Значајната посета на кинескиот претседател го потврди она што обете држави го нарекуваат „нова ера“ во билатералните врски, наспроти западната загриженост за растечката глобална наметливост на Пекинг. Атина го посла црвениот тепих за „Вујко Си“ додека централно-десничарската влада се обидуваше да профитира од грчката улога како „портата на Кина“ кон Европа.

– Оваа посета отвора ново поглавје од одлучувачко значење во веќе одличниот однос меѓу Кина и Грција. Тоа фундаментално го надградува нашето стратешко партнерство – рече грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Неколку часа од започнувањето на билатералните разговори, Атина официјално го одобри проширувањето на операциите на „Коско“, државната компанија за испорака, во пристаништето со проект или „мастерплан“ во вредност од 600 милиони евра, кој ќе има за цел кинеските инвестиции да достигнат 2,5 милијарди евра во Грција. Проектот има за цел да ја забрза улогата на Пиреј, како центар за кинеските пратки, кои сега можат да заштедат милиони во однос на испораката од Азија до Европа преку Суецкиот канал.

Според „Ал Џезира“, најважна од новопотпишаните зделки се оние што се однесуваат на кинеските енергетски инвестиции во Грција, особено формирање на атинска гранка на Индустриската и Комерцијалната банка на Кина за финансирање проекти за обновливи извори.

Соработката на Кина и Грција беше загрижувачка за ЕУ од повеќе аспекти. Незадоволна поради острите мерки за штедење наметнати од еврозоната, Грција се сврте кон Кина за поддршка во 2015 година, а СИРИЗА се обиде да ја финансира владата преку големи заеми од Кина, во обид да ја контрабалансира потпората од еврозоната, која поседуваше две третини од грчкиот долг.

Кога станува збор за политички прашања, Грција исто така неколкупати застана на страната на Кина наместо на ЕУ. Во јуни 2016 година Грција блокираше заедничка изјава на ЕУ која ја повикуваше Кина да го почитува Меѓународното право на морињата. Следната година, Атина одби да ја поддржи изјавата на ЕУ која повикува Кина да ја почитува слободата на говор. Ова е дволично од страна на Грција, бидејќи тие се најгласни кога станува збор Турција да ги почитува истите тие права.

Иако СИРИЗА ја загуби власта и беше заменета со прозападно ориентираната Нова демократија, ЕУ остана претпазлива кон односот и зајакнувањето на врските помеѓу Грција и Кина. Новите трговски зделки неделава ги поттикнаа ваквите сомневања.


Си Џинпинг ќе помага во „ослободувањето“ на статуите од Акропол

Си Џинпинг се понуди да помогне на Грција во борбата за „ослободување и враќање“ на мермерните статуи на Акропол од Велика Британија. Тој ја понуди помошта вчера, на последниот ден од посетата на Атина, каде што се сретна со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Двајцата лидери, придружени со нивните сопруги го посетија Акропол каде што Павлопулос апелираше до Си за поддршка за дипломатскиот спор. Спорот за враќањето на статуите во Грција трае речиси 200 години, откако тие биле земени од страна на британскиот дипломат сер Томас Брус во раните години на деветнаесеттиот век.