Знаменца за идентификација на потеклото на производите

68

Во Косово од денеска почнува да се применува неодамна усвоениот амандман на Законот за заштита на потрошувачите, според кој маркетите се должни покрај производите што се продаваат да стават знаменце на државата на потекло, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста ја објави лидерот на Социјалдемократската партија (ПСД) и градоначалник на Приштина, Шпенд Ахмети, кој на својот профил на Фејсбук објави и фотографии од рафтови во супермаркет, на кои се гледа дека оваа уредба веќе почнала да се спроведува.

– По многу инсистирање на шефот на пратеничката група на ПСД, Дардан Сејдиу, започна примената на амандманот на Законот за заштита на потрошувачите, со кој секој маркет се задолжува покрај секој производ да постави и знаменце на државата на потекло. Во иднина граѓаните нема да имаат потреба на секој производ да ги читаат декларациите и да ги препознаваат кодовите. Лесно е да се види кој производ е од соседните држави, а кој е домашен производ – напиша Ахмети.


Харадинај: Присуството на САД значи мир

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај му одговори на рускиот претседател Владимир Путин, кој за српските медиуми изјави дека САД се дестабилизирачки фактор на Балканот, порачувајќи дека токму Русија е таа што со својата политика му нанесува штети на регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Харадинај, што поголемото присуство на САД на Балканот значи повеќе мир, стабилност и развој, додека руското присуство го има спротивниот ефект.
– На изјавите на претседателот на Русија, Владимир Путин, дека политиките на САД и на западните сојузници се дестабилизирачки фактор на Балканот, ќе одговорам дека Америка и НАТО на Балканот значат повеќе мир, стабилност и развој. Активното руско присуство на Балканот го подразбира токму спротивното. Косово доаѓа во мир – напиша Харадинај на својата страница на Фејсбук.