Земјотрес од 6,4 степени ги потресе Драч и регионот

701

Најголем број жртви и најголема штета има во албанските градови Тумане, Курбин, Драч, Фуше Крује, Леже и Фиер. Постои голема потреба од медицински персонал, облека и друга поддршка за граѓаните што се оставени на улиците откако земјотресот ги уништи нивните домови. Лидерите од целиот свет и од регионот нудат и испраќаат помош во Албанија. Македонската влада одобри помош од 100 илјади евра, а Општина Чаир 12 илјади евра

Бројот на жртвите од катастрофалниот земјотрес што вчера изутрината ја погоди Албанија се искачи на најмалку 14 лица. Најсилниот потрес се случи во 4 часот, а по него следувале уште неколку послаби. Епицентарот на земјотресот бил на 30 километри западно од главниот град Тирана, на длабочина од само 10 километри. Албанското министерство за одбрана соопшти дека во силниот земјотрес со јачина од 6,4 степени биле повредени повеќе од 600 лица и била причинета голема материјална штета. Се стравува дека бројот на жртвите може да биде многу поголем, поради уривањето на две станбени згради.
Најголемата штета е направена во Драч. На улиците беа излезени многу луѓе, кои со неверување ги гледаа своите домови во урнатини. Голем број спасувачки екипи со помош на тешка механизација беа во потрага по преживеани. Една од жителките на Драч ја снимила внатрешноста на оштетената зграда. Во неа ѕидовите беа испукани, а шут и расфрлан мебел имаше насекаде.

Портпаролката на министерството соопшти дека две тела биле извлечени од урната зграда во Драч. По земјотресот во градот немало струја. Најмалку три станбени згради и трафостаница се оштетени во местото Туман. Локалните медиуми информираа дека луѓето се заробени во урнатините на зградите, а едно лице загинало кога скокнало од прозорец во градот Курбин.

Снимката што беше ставена на социјалните мрежи како дете вадат од урнатините беше траурна. Тоа било во прегратките на татко си, кој бил затрупан од тони бетон и челик. Детето со плачење повикуваше: „Тато, тато… “.
За состојбата во Тирана, за телевизија Н1, во телевизиски разговор се јави Душко Тадиќ, познат активист и спортист од Бања Лука, кој требаше да присуствува на меѓународен собир.

– Околу еден часот нѐ разбуди послаб потрес, а околу 2.30 часот беше посилен земјотрес, кој ги разбуди сите гости во хотелот. Настанаа паника и хаос. Луѓето бегаа голи и боси. Тлото постојано се тресе и сега владее паника – изјави Тадиќ.
Министерството за одбрана соопшти дека ова било најсилниот земјотрес во последните 30 години. Епицентарот на потресот бил регистриран во близината на Драч, на длабочина од 12 километри, со силина од 6,4 степени. Потресот се почувствувал во поширокиот регион, а имало и дополнителни потреси, од кои најсилниот бил во 7.10 часот, со јачина од 5,4 степени.

Во Албанија и во регионот сеизмичките активности по вчерашниот земјотрес ќе потраат уште неколку месеци, а вообичаено е по најсилниот удар да има и многу послаби, вели сеизмологот Бранко Драгичевиќ во изјава за Танјуг.
– Дополнително беа регистрирани 50-60 послаби потреси од главниот. Земјотресот не може да се набљудува од еден момент, тоа е насобирање енергија многу години претходно пред да се случи главниот удар – објаснува Драгичевиќ.

Пред два месеца имаше земјотрес во околината на Драч со сила од 5,4 степени според Рихтер. Тогаш беа повредени 70 лица, а 500 куќи беа оштетени.


l Околу еден часот по полноќ гости во хотел почувствувале послаб потрес во Тирана

l Најсилниот удар се случил во 4 часот во околината на Драч

l Епицентарот на земјотресот бил 30 километри западно од главниот град Тирана, на длабочина од 10 километри.

l Земјотресот во Драч бил со јачина од 6,4 степени

l Загинати се најмалку 14 лица , повеќе од 600 се повредени и причинета е голема материјална штета.

l Беа регистрирани дополнителни 50 до 60 послаби потреси од главниот.


Земјотрес од 5,4 степени ја погоди Босна

Босна и Херцеговина е погодена од земјотрес со јачина од 5,4 степени, неколку часа откако земјотрес од 6,4 степени ја погоди соседна Албанија. Земјотресот се случи во 9.19 часот на длабочина од 10 километри.
Земјотресот се случи на околу 6 километри од селото Благај, а епицентарот е пресметан на околу 75 километри јужно од главниот град Сараево. Нема информации за структурни оштетувања или за повредени.