За 10 години околу 560.000 албански граѓани добиле дозвола за прeстој во ЕУ

86

Податоците објавени од Евростат потврдуваат дека за подобар живот албанските граѓани се повеќе сакаат да ја напуштат земјата.

Според Евростат, Албанија се смета за земја со најголем број граѓани кои добиле дозвола за престој во некоја од земјите членки на ЕУ или околу 560.000, при тоа поголем процент од нив добиле и државјанство на таа земја. Најголем број од нив станале грчки државјани.

– И во 2017 година, Албанија го зазема првото место според бројот на емигранти, кои добиле дозвола за престој. Најголем број или 19.656 албански граѓани добиле дозвола за престој во Италија, потоа следи Грција, каде дозвола за престој добиле 16.468 албански граѓани – се наведува во извештајот на Евростат.

Босна и Херцеговина и Србија се другите две земји од Балканот кои имаат голем број граѓани кои добиле дозвола за престој. По нив следува Косово, од каде само лани дозвола за престој добиле 26.000, по што доаѓаат македонските граѓани.

Доколку се погледнат податоците на Државниот инситут за статистика на Албанија лани земјата ја напуштиле 40.000 лица, што е значително поголем број споредено со претходната година.

Ако се направи пресметка, во последните десет години околу 560.000 албански граѓани првпат добиле дозвола за престој во земјите на ЕУ.

Рекордна година по добиени дозволи за престој за албанските граѓани е 2008 година, кога таков документ првпат обезбедиле околу 100.000 лица.