За факултетска диплома се „студира“ 30 дена

126

Во откривањето на аферата се споменува бројка од околу илјада издадени дипломи, а само во последните пет месеци биле документирани случаи за 300 незаконски издадени дипломи

Акцијата „Перо“ во која беа уапсени 20 лица во Босна и Херцеговина поради издавање лажни дипломи, траела четири месеци и биле користени посебни истражни мерки, а четворица скриени истражители биле вклучени во образовниот процес во училиштата и така со денови ја следеле работата на осомничените лица. Пред самото апсење прикриен полициски инспектор стекнал купена факултетска диплома, за што му било потребно да „студира“ 30 дена. Дипломата била издадена од Економскиот факултет. За свидетелство за завршено средно училиште му било потребно да почека десет дена.

Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) му предаде на Обвинителството 11 лица на понатамошна постапка, кои се уапсени во акцијата „Перо“ што била спроведена минатата недела во соработка со полициските агенции во БиХ. Девет лица во оваа фаза на истрагата се согласиле на соработка, а по криминалистичката обработка биле пуштени да слобода. Издаден е и налог за привремена забрана за располагање со 1,1 милион конвертибилни марки. Станува збор за парични средства на девет сметки што се отворени во пет банки на име на три физички и три правни лица.
Во соопштението на СИПА се додава дека се извршени и претреси на 12 локации на подрачјата на Бихаќ, Цазин, Сараево, Зеница, Високо, Тузла и Источно Сараево. Приведените лица се сомничат дека од периодот од 2014 година, па до денеска пронаоѓале лица на кои за пари им обезбедувале различни сертификати за дипломи од основно, средно и високо образование. Се споменува бројка од околу илјада издадени дипломи. Само во последните пет месеци биле документирани случаи за 300 незаконски издадени дипломи.

Во акцијата е уапсен и некогашниот висок политички функционер и генерален секретар на политичката партија А-СДА Адмир Хаџипашиќ. Тој е сопственик и сосопственик на Меѓународната висока школа и на центарот за образование на возрасни „Вита плус“ во Цазин. Во последните три години вкупниот приход на Меѓународна висока школа и на Центарот за образование за возрасни изнесувал повеќе од 4,6 милиони конвертибилни марки.
Од Меѓународната висока школа се издавале нелегални факултетски дипломи за студиските програми за кои немало согласност од Министерството за образование, наука и култура од унско-санскиот кантон. Од извори блиски на истрагата, „Аваз“ дознава дека дипломите се плаќале од 1.000 до 25.000 КМ. Дипломата за основно училиште чинела од 1.000 до 1.400 КМ, а за средно образование од 5.000 до 10.000 марки. На појаките факултети дипломата за стекнување повисоко звање лажните студенти ја плаќале до 25.000 КМ, а факултетската диплома чинела од 15.000 до 25.000 КМ (едно евро е околу две конвертибилни марки).