За нередовните пратеници половина плата

73

Административниот одбор во црногорскиот парламент денеска го разгледува предлогот, со кој се предвидува на пратениците што не доаѓаат на седница на парламентот да им се намалат платите, и тоа за 50 отсто.

Казнените одредби за пратениците што не доаѓаат на седници би почнале да се применуваат од 1 октомври годинава. Претседателот на Либералната партија Андрија Поповиќ е уверен оти во иднина неоправданото отсуство на пратениците при заседавање на парламентот ќе се санкционира и дека ќе се почитуваат усвоените измени на правилникот, и дека во иднина ќе се спречи долгогодишното избегнување на работните обврски од страна на дел од пратениците.

– Страв ми е дека некои од патениците, по три години, ни санкциите нема да ги вратат во парламентот, ќе мора да искажат став за многу горливи црногорски прашања, а тоа никако не им одговара во пресрет на парламентарните избори во 2020 година. Веројатно, ќе бараат надоместок на намалените плати низ добивање партиски средства – вели Поповиќ.

Собранието летоска ги усвои измените на собранискиот деловник со кои се предвидува на пратеникот што неоправдано отсуствува од една седница на парламентот да му се намалува месечната заработка за 30 отсто, а со две или повеќе отсуства му се намалува за 50 отсто.