За непочитување на грбот и химната казна до 20.000 евра

228

Црна Гора

Парламентот на Црна Гора вчера ги усвои измените и дополнувањата на Законот за државни симболи со кои се предвидуваат парични казни за непочитување на грбот, знамето и химната на Црна Гора.

Со Законот се предвидени казни од 1.000 до 20.000 евра за правно лице кое ќе ги употреби грбот и знамето во уметничко творештво, во наставата и образованието на начин на кој се нарушуваат јавниот морал, углед и достоинството на Црна Гора.
Казната ќе биде изречена доколку на грбот или на знамето се измени или се додаде некој детаљ, ако се употребат како стоковен или услужен жиг, како примерок или модел, или ако знамето се постави така што ќе го допира тлото и ако се употреби како чаршаф или завеса.

Со новите законски измени се предвидува и изрекување на парична казна доколку во текстот или во мелодијата на химната се изврши каква било измена или таа се изведе на начин што ги навредува угледот и достоинството на Црна Гора.
Казните за одговорните и за физичките лица изнесуваат од 300 до две илјади евра, а за фирмите од 300 до 6.000 евра.