За еден час во Албанија почувствувани 46 потреси

108

Серија земјотреси ја погодија денеска Албанија, при што предизвикаа материјална штета и паника меѓу населението.

Според Рапо Ормени од Сеизмолошкиот институт во Тирана по првиот потрес почувствуван во 11.02 часот, па се до 12 часот, почуствувани се 46 потреси со различна јачина.

– Првиот потрес беше со јачина од 5,2 степени според Рихтер на 31 километар северозападно од Тирана, во подрачјето на заливот Лалзи кај Драч, на длабочина од 10 километри. Можни се и понатаму потреси со помала јачина се додека се смири тлото – изјави Ормени.

Поради паниката голем број граѓани се надвор од своите домови, институциите не работеа повеќе од еден час бидејќи вработените беа надвор, а прекин имаше и во телефонската мрежа. Засега нема информации за повредени, но веќе се евидентират оштетувања на објекти. Земјотресот беше почувствуван и во Македонија, Црна Гора и на Косово.

Албанското Министерство за одбрана отвори посебна телефонска линија каде граѓаните може да се јавуваат за било каква информација или потребна помош.