Заразата ги судри грчките власти и црквата: Причестите ќе продолжат, сѐ е во рацете на бога

663

Властите на Грција се судрија со претставниците од Грчката православна црква поради мерките за претпазливост од коронавирусот. Како мерка за заштита од ширење на коронавирусот, грчките власти затворија неколку училишта, а ги забранија и големите јавни собири, одењето во театар, кино и посетата на музеите, како и собирите на спортските настани во регионот на Пелопонез и на островот Закинтос, пренесува „Гласот на Америка“.
 
Здравствените власти соопштуваат дека бројот на заболени се зголемил значително последниве неколку дена поради враќање на патници од Блискиот Исток. Најновите случаи на коронавирус во земјата се забележани кај луѓе кои патувале во Израел и во Египет. Меѓу нив е и 65-годишна жена од Патра, која е ставена во карантин и се бори со пневмонија. 

Здравствените власти се подготвени за ситуацијата и претпоставуваат дека околу 15 отсто од популацијата на Грција би можела да заболи од вирусот. Ова може да претставува проблем поради осумгодишната економска криза што драстично го намали медицинскиот персонал и ресурсите. 

– Владата треба да ангажира дополнителен медицински персонал, да набави медицински маски, сапун, ракавици и средства за дезинфекција. Исто така, властите треба да отворат 100 дополнителни центри за интензивна нега во и околу Атина – вели Јоргос Патулис, регионалниот гувернер на Атика, најголемиот и најгусто населен регион во Грција. 

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во неделата свика итен состанок со цел да се направи стратегија за контаминирање на вирусот и да се спречи неговото ширење од западните региони во остатокот од земјата. 

Тој исто така побара од поглаварот на Грчката православна црква да ги затвори црквите и да ги одложи црковните собири, но беше одбиен со оправдување дека свештениците нема да ги одложат црковните причести. 

Во неделата, коронавирусот не ги спречи илјадниците верници, главно постари лица и пензионери, да присуствуваат на црковните собири. 

– Светите причести ќе продолжат, бидејќи имаме верба во Бог и сѐ е во неговите раце – соопштија од Грчката православна црква.

Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, исто така присуствуваше на причестот придружен од неколку министри. Присуството во црквите периодов е големо, главно поради претстојниот Велигден во април. 

Но, поради ситуацијата со вирусот во Италија, народот очекува грчкиот синод наскоро да преземе вонредни мерки. Грчките епископи свикаа состанок кој треба да се одржи неделава.