Западот доставил план за Косово до Вучиќ

2647

САД и западните земји доставиле план за решавање на косовскиот проблем до српскиот претседател Александар Вучиќ, пишува „Блиц“.

Весникот додава дека планот е подобар за Србија од сите претходни, но и дека и натаму не е прифатлив за Вучиќ.

– САД и западните земји ги доставија своите начела и принципи, но за нас тоа не е доволно добро. Не можеме да добиеме ниту една општина, ЗСО ќе добијат статут, но не се знае каков статус ќе имаат – рече неименуван извор за „Блиц“, за кој весникот вели дека е „запознат со деталите од предлогот“.

Весникот пишува дека Вучиќ не бил задоволен од планот и дека ништо не им одговорил на предлагачите.

Во составувањето на овој нон пејпер документ учествувале помошникот на американскиот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, заменичката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Хелга Шмит и претставник на Велика Британија.

Весникот пишува дека предлогот е на масата на српскиот претседател уште пред заминувањето во Москва, па се претпоставува дека Вучиќ за тоа разговарал со Путин и дека го известил за ставот на Србија.

Според наводите на „Блиц“, Вес Мичел делови од планот претставил и на српските НВО-а, отворено говорејќи дека Србија тоа мора да го прифати.

– Ако не прифати Вучиќ, има кој ќе прифати, но тогаш тоа е крај и за него и за Србија – ја пренесува „Блиц“ изјавата на Мичел дадена пред неколку претставници на НВО секторот.

Според наводите на изворот на весникот, на еден состанок дури зборувал и за пари и споменувал сума која Западот би можел да ја даде за прифаќање на овој предлог.