Западен Балкан на агендата на претстојниот Самит на ЕУ

169

Денеска и утре во Брисел ќе се состанат шефовите на држави и влади на Европската унија. На агендата на лидерите ќе се најдат трговијата со САД, односите со Русија и со Турција, Западен Балкан и Брегзит.

Лидерите ќе ја разгледуваат новата европска стратегија за проширување кон Западниот Балкан, презентирана на почетокот на февруари, а можна е и размена околу спорот за името меѓу Македонија и Грција во тој контекст, тврдат европските дипломати.

Западен Балкан е приоритет и на бугарското претседателство, лидерите ќе разговараат за претстојниот самит во Софија. Некои европски држави стравуваат од тоа самитот во Софија да биде перцепиран како „самит на проширувањето“ и ќе бараат фокусот да биде ставен на други помалку политички чувствителни теми, како што се инфраструктурното подобрување на регионот или намалувањето на цените за роамингот помеѓу ЕУ и Балканот.

Европскиот совет треба да расправа и за односите со Русија по убиството на двојнииот руски шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија. Иако се говореше дека ЕУ би можела да воведе нови санкции против Русија за овој случај, не дојде до тоа.

Министрите за надворешни во понеделникот постигнаа заеднички став за овој случај и изразија целосна солидарност со Велика Британија. Но според порталот „ЕУoбсервер“ Грција претходно изразила несогласувања околу формулацијата на заклучоците и барала од европските партнери да ги почекаат доказите за вмешаноста на Русија во убиството.

– Грција јасно кажа дека не треба да се споменува Русија во соопштението, требаше Шведска и балтичките земји енергично да реагираат за да се реши тоа, истакна Џонатан Ејал „ЕУoбсервер“ .

Како што најави претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, европските лидери ги очекува и „длабока дискусија“ за последните најави на САД да воведат зголемени даноци за увоз на алуминиумот и челикот. ЕУ на оваа мерка гледа со анимозитет и стравува од негативни последици за светската трговија.

Истовремено лидерите ќе ги разгледуваат предлозите на Европската комисија (ЕК) за воведување такси за големите дигитални компании како Фејсбук и Гугл, мерка за која Брисел тврди дека не претставува реваншизам кон САД и не е поврзана со бариерите врз челикот и алуминиумот, туку потреба од модернизација на европската даночна политика.

В петок, британската делегација ќе го напушти Брисел, а европските лидери ќе се состанат под форматот „член 50“ односно без Велика Британија за да дискутираат за Брегзит. Двата преговарачки тимови неодамна постигнаа договор околу транзицискиот период за напуштањето на ЕУ, останува на лидерите да го прифатат или не овој договор.

На крајот ќе се состанат само 19-те лидери на Еврозоната за да разговараат за реформите и продлабочувањето на фискалната и монетарната унија.