Закана по здравјето што влезе на мала врата со коронавирусот

357

Последици од пандемијата што не се директно поврзани со болеста ковид-19

Пандемијата на коронавирусот ни оддалеку не е завршена, независно од степенот на олабавување на заштитните мерки од земја до земја. Опасноста од коронавирусот сѐ уште демне, а здравствените работници ќе имаат уште многу работа пред да можат малку да здивнат.
Во една таква ситуација, пандемијата остава голем број последици со кои уште долго ќе се справуваме. Некои се потешки, па за нив ќе ни требаат стручна помош и поддршка, а некои веројатно ќе ги надминеме само со малку повеќе дисциплина.

Изолација што резултира со покачување на телесната тежина

Една од последиците што не се директно поврзани со самата болест, туку со обидите да се справиме со неа, може да претставува сериозна закана за нашето здравје.
Станува збор за „нафрлањето“ вишок килограми на нашето тело како резултат на изолацијата, која сериозно ни ги ограничи движењето и физичката активност во просторот меѓу „четири ѕида“. Со рестриктивните мерки, „затворени“ неколку недели дома, ни беше оставено многу време за готвење, а многу малку можности за сериозна физичка активност. Во такви услови многумина од нас јадеа поздраво од кога било досега. Од друга страна, не мал број луѓе попуштија пред искушението на т.н. емоционално јадење. Имено, не јадеме затоа што сме гладни, туку ја користиме храната како утеха. И потоа се жалиме дека добивме тежина.
Се разбира дека се свртевме кон храната, објаснуваат психолозите: пред короната во случај на стрес можевме да избереме – да одиме во фитнес-сала, да излеземе со пријателите, на пилатес или масажа. Кога малку ни е достапно тоа, се свртуваме кон она што ни е достапно, храна, ТВ-серии и алкохол.

Емоционалниот глад – причина за неконтролирано консумирање храна

Физичкиот глад се јавува постепено, откако ќе помине доста време од последниот оброк или по напорна физичка активност. Но во тешко време и кога сме под зголемен стрес или тажни, осамени, со лошо расположение, често се појавува таканаречен емоционален глад. Се карактеризира со ненадејна желба за одредена храна. Имаме склоност да ја доживееме храната како награда или утеха, така што кога сме тажни, посегнуваме по чоколадо за да нѐ „расположи“, објаснува психологот Ивана Кобер Врбат од Психијатриската болница за деца и адолесценти во Загреб.
Разликата е во тоа што кога сте навистина гладни, секоја храна ќе ви го задоволи гладот. Или скоро секоја. Но кога ќе јадете за да избегате некоја непријатна емоција, се свртувате кон специфичен вид храна.

Во изолацијата се најде утеха во храната

Тончица Шишков, психотерапевт во програмата за третман на нарушувања во исхраната во загрепската болница „Свети Иван“ има објаснување на ова прашање.
– Гладот ​​е непријатност што го елиминираме со полнење на стомакот, тој создава утеха. Понатаму, мајчиното млеко е исто така извор на емоционална удобност, чувство на сигурност и заштита: додека мајката дои, го гали и бебето, така што пријатноста и топлината на кожата на мајката ја поврзуваме со хранење. Трето, таа храна е утеха, ние сме научени од рана возраст да јадеме кога сме тажни, среќни или, пак, кога ни е здодевно. Секоја храната има свој вкус, мирис, текстура: кога сме агресивни или лути, јадеме нешто крцкаво или тврдо, чипс или бадеми, тоа е канал преку кој можеме да ја изразиме агресија и да се смириме на социјално прифатлив начин. Чоколадото го активира хормонот на среќа, течна слатка храна што мозокот ја чита како еквивалент на долго потисната меморија на дојките на мајката – објаснува психотерапевтот Шишков.
И општеството нè поддржува во тоа. Отсекогаш храната била поврзана со важни настани: свадба, смрт, раѓање и други прослави.
Покрај тоа, шеќерот е енергија за мозокот, па е логично кога сме под стрес или незадоволни да посегнуваме по она што ќе ни го подигне нашето ниво на енергија, вели Тончица Шишков.

Храната предизвика чувство на безбедност и сигурност

Храната за нас е несвесна евокација на блажени моменти уште откога бевме бебиња, кога се чувствувавме целосно сигурни, заштитени и галени, со лулкањето и мајчиното нежно шепотење додека цицавме топло млеко, кое удобно ни го полнеше празниот стомак и ни го враќаше мирот. Овие се првите, најрани сеќавања, кои оставаат силен невролошки отпечаток. Нешто приближно се случува и во домашната изолација.
– Во изолација повеќето луѓе јаделе повеќе, некои се најдоа заробени што не можат да престанат да јадат. Колку подолго бараме лек од страв, стрес и од здодевност во храната, толку е потешко да се навикнеме на тоа. Во ред е да си дозволите слатки и грицки во одреден период од денот, но да не се јадат наутро и навечер бидејќи прејадувањето може да ви стане трајна психолошка и физичка навика. Вашиот стомак може да се навикне, па по нормален оброк нема да испрати сигнал дека е полн – предупредува Сузан Меквилан за „Психолоџи тудеј“.

Во изолација беа регистрирани симптоми на прејадување, булимија или анорексија

„Гардијан“ пишува дека британското здружение за нарушувања во исхраната БЕАТ забележало 50 проценти поголем број на повици за помош и 78 проценти повеќе контакти преку социјалните мрежи.
– Тоа не е изненадувачки. Промената во рутината и животната состојба е потенцијален предизвикувач на нарушувања во исхраната – објаснува Каролин Прајс од БEAT. Присилната изолација значи дека многумина испаднале од нивната здрава навика и се свртиле кон прејадување, булимија или анорексија, што им дава илузија за контрола врз емоциите.
– Како да разликуваме краткорочно претерување или нарушување? Можеме да кажеме дека човекот има здрав став кон храната кога хранењето не го оптоварува и додека јаде тогаш кога чувствува глад. Сите ние имаме одредени периоди кога повеќе или помалку сме фокусирани на она што го јадеме и како изгледаме. Но некои луѓе ја користат храната како начин за решавање на проблемите или како заштита од пречките и предизвиците со кои се соочуваат.

Тука е важно да се препознае за каков глад станува збор и која е потребата зад емотивниот глад што го чувствуваме, токму него треба да се обидеме да го задоволиме – објаснува Ивана Кобер Врбат.
Таа нагласува дека е нормално и пожелно да се јаде секаков вид храна: храната нема човечки карактеристики и не е ниту добра, ниту лоша, таа е гориво за нашето тело.
Во светот сѐ поголемо значење добиваат специјализираните центри што се занимаваат со нарушувањата во исхраната, каде што стручни лица им помагаат на оние што имаат нарушување во исхраната. А што е со другите, кои не зачекорија во нарушувањето, но добија повеќе килограми? Долгите и топли денови и вечери се пред нас, излезете од дома, прошетајте се, уживајте во природата, одете на базен.
Пандемијата не е завршена, но тоа не значи дека сте беспомошни и дека не можете да направите нешто за себе.