Загрижувачка состојбата со правата на жените

73

Без рамноправноста на жените, државите од Западен Балкан не можат да влезат во Европската Унија, затоа што половата рамноправност е една од темелните европски вредности, е заклучокот на студијата што е објавена во Европскиот парламент.
Во оваа студија се анализира каква е состојбата на ова поле во шесте држави од Западен Балкан. Очекувано, Косово и Босна и Херцеговина покажуваат најлоши резултати. На Косово се вработени 49,9 отсто од мажите и само 14,6 отсто од женската популација. Во Босна и Херцеговина се вработени 56,4 отсто од припадниците на машкиот пол и 32 отсто од работоспособната женска работна сила.

Во овие две земји на бироата за вработување се регистрирани повеќе жени, а нивниот процент изнесува 31,7 отсто, во споредба со 26,2 отсто невработени мажи. Во БиХ 22,6 отсто од работоспособните мажи бараат активно работа, а од жените 30,6 отсто се невработени.
Просекот на невработените мажи во ЕУ е 8,2 отсто, додека на жените изнесува околу 8,6 отсто. Во документот се истакнува проблемот со нерамноправноста на жените во однос на мажите и сугерира дека менталното наследство и конзервативноста се главни фактори за ваквата состојба, која владее со децении на Балканот.

Босна и Херцеговина се карактеризира и со тоа што има најмала застапеност на жени во политиката, со скромни 20 отсто. Најлошо е во Албанија, и тоа со осум отсто застапеност на жените во политиката.
– Остварувањето еднаквост меѓу жените и мажите останува недовршена работа за земјите од регионот, каде што улогата на половите е длабоко вкоренета, а во локалните средини не е позната категоријата на правата на жените – се наведува во документот на Европскиот парламент.