Заврши ископувањето во Приштина, не е пронајдена масовна гробница

89

По тридневно ископување во кампусот на Универзитетот „Хасан Приштина“ не е пронајдена масовна гробница, потврди Куштрим Гара од владината комисија за исчезнати лица.

Тој рече дека нема да има нови ископувања на местото.

Во близина на местото каде сега беше пребарувано, имало ископувања и во 2016 година, но и тогаш немало трага од масовна гробница.

Ископувањето се случи по налог на косовското Специјално обвинителство за воени злосторства, откако специјалниот обвинител Дрита Хајдари за медиумите изјави дека има информации дека сведоци во април 1999 година виделе дека телата на косовските Албанци се закопани таму.

Според информациите на владината канцеларија за исчезнати лица и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, околу 1.600 лица од Косово се водат како исчезнати и по 20 години од војната.