Забраната за политичко рекламирање на Фејсбук ќе се одрази и во Македонија

94

Во своите коментари за случувањата комуниколозите и политиколозите со кои се консултиравме велат дека светот сега повеќе од кога било живее и функционира на интернет, па, оттука, сите промени поврзани со политичкото рекламирање на социјалните мрежи неминовно ќе се рефлектираат и врз македонската политичка сцена.
Бојан Кордалов, специјалистот за пиар и нови медиуми, вели дека актуелните настани поврзани со блокадата за политичко рекламирање што ги наметна Фејсбук по немирите во Вашингтон, со сигурност ќе предизвикаат турбуленции и за македонските партии во пресрет на пролетните локални избори.
– Пораката до граѓаните и политичкиот маркетинг во едни вакви услови најдобро ќе допре до гласачите доколку освен социјалните медиуми, се пропагира преку традиционалните медиуми, кои во поширока смисла на зборот се докажало дека во Македонија имаат посилен импакт, читаност и гледаност од интернет-медиумите – вели Кордалов.

Тој сепак верува дека ова ембарго на Фејсбук ќе биде слично на минатите искуства, каде што социјалната мрежа повеќе ќе го ограничи говорот на омраза, а сепак ќе дозволи одредено „протекување“ на политичките реклами до корисниците.
– Да бидеме искрени, не е првпат социјалните мрежи да се вклучат индиректно во политичките избори на државите. Досега тие во изминатите неколку години на добар или лош начин беа инволвирани во скандалите, како оној со Кембриџ аналитика. Јас верувам дека домашните партии го знаат овој чин и подготвено ќе ги дочекаат локалните избори – истакнува Кордалов.
Политикологот Милан Стефаноски, пак, додава дека социјалните мрежи, барем во светот, станаа главна арена на која се води политичката битка.
– Тесниот резултат на американските претседателски избори, односно поразот на Трамп, според голем број меѓународни аналитичари, се должеше пред сè на добро дизајнираните кампањи на Фејсбук. Од друга страна, нема официјални податоци колкаво е влијанието на политичкото рекламирање на социјалните мрежи во Македонија, но штом толку интензивно се користи, тогаш сигурно има ефект – вели Стефаноски.

Тој смета дека практиката покажала дека за македонски услови рекламата е најисплатлива за партиите кога се објавува во традиционалните медиуми, електронски или печатени.
– Во вакви едни околности, каде што сѐ уште живееме со вирусот, политичките партии сега би требало да размислуваат во правец на менување на кампањата, за разлика од претходните парламентарни избори. Сега тие би требало рекламите и платената пропаганда да ги насочат во комерцијалните македонски информатори, бидејќи на таков начин ќе извлечат најголема полза од случувањата – заклучува Стефаноски.

[email protected]