Жените сѐ подоцна стануваат мајки

110

Средината на осумдесеттите години од минатиот век на Клиниката за гинекологија и акушерство во Белград се родиле околу 11.000 бебиња, а лани имало за половина помалку или 5.602 новороденчиња, иако тоа е најголемо породилиште во Србија. Дополнителна загриженост за докторите предизвикува тоа што жените сѐ подоцна стануваат мајки. Иако денес е вообичаено прворотките да бидат на возраст меѓу 35 и 40 години, поради одложувањето на мајчинството некои жени остануваат без потомци, предупредува Небојша Радуновиќ, академик и професор на Медицинскиот факултет во Белград во разговор за „Политика“.

Тој го истакнува фактот дека стапката на неплодност кај населението сѐ повеќе расте со текот на возраста. Меѓу 20 и 24 години неплодноста се движи околу осум отсто, а од 30 до 34 година се искачува на 14 отсто. Во периодот меѓу 35 и 39 година од животот секоја петта жена има проблем со неплодноста, а со влегување во петта деценија една третина од жените не може да забременат. Податоците од последниот попис на населението покажуваат дека секоја четврта жена во Србија и секој трет маж не е во брак, а најголемиот број од семејствата имаат само едно дете.

– Одложувањето на мајчинството е тренд во секоја развиена земја на светот. Пред десет години во САД е водена агресивна кампања со намера жените да се мотивираат своите јајце-клетки да ги замрзнат кога се на дваесетгодишна возраст, за да можат да се искористат подоцна, кога ќе се стекнат со образование, и кога ќе изградат кариера и кога ќе го пронајдат својот партнер. Голем број жени се одлучиле на овој чекор, но кога по неколку години одлучиле да станат мајки, многу од нив констатирале дека нивниот репродуктивен материјал не може да се искористи за оплодување. Сега постојат одредени можности да се провери квалитетот на јајце-клетките пред замрзнувањето, но одложувањето на мајчинството може да биде неизвесен експеримент со неизвесен исход – предупредува Радуновиќ.

Во Србија на 100 девојчиња се раѓаат 106 момчиња, но живеат околу 200.000 жени повеќе од мажи. Припадничките на понежниот пол живеат подолго за пет години, а ова е карактеристично и за другите земји во светот. Причина за ова е родовата нееднаквост, која е од биолошка природа.