Железна премиерка во сенка на претседателот

305
Година на контролирано и релативно стабилно владеење

Српската премиерка Ана Брнабиќ доживува експлозија од самодоверба, а тој надмен став кон граѓаните произлегува од тоа што е свесна дека нејзината позиција не зависи од граѓаните, туку од претседателот на Србија, велат политичките аналитичари

Владата на Ана Брнабиќ одбележува една година од нејзиниот избор за премиерка по одлуката на Александар Вучиќ да се кандидира на изборите за претседател на Србија. Всушност и изборот на Брнабиќ за оваа функција беше и лична желба и одлука токму на Вучиќ, кој, според коментарите на политичките аналитичари, продолжува да ги контролира и води главните политики во земјата и во надворешните односи на Србија, особено кога станува збор за решавањето на проблемот со Косово.
„Политика“ во својот текст посветен на едногодишниот премиерски мандат на првата жена премиер во поновата историја на Србија излезе со заклучокот дека тоа претставува „влада на континуитет“.

„Наспроти големиот број притисоци да воведе санкции кон Москва, нејзината влада со поддршка на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја отфрла таквата можност и со тоа го истакнува како еден од клучните правци во балансирање на надворешната политика, со која во исто време се почитува и Русија, но за Белград останува цел и приоритет влегување во Европската Унија“, пишува во текстот на белградскиот весник.
Првата година од мандатот на „првата геј-премиерка во историјата на Србија“, како што пишува „Данас“, помина од првобитното неснаоѓање и споредување како собно цвеќе, преку опточување низ системот на владеење на Српската напредна партија, до „дрското“ прекорување на граѓаните дека „никој не ги принудува да патуваат со авионите на ’Ер Србија’“.
За докторандот на ФНП Бобан Стојановиќ деновиве се одбележува една година од новата влада на Александар Вучиќ, кој само формално се нарекува влада на Ана Брнабиќ.

– Тоа јасно се гледа во секој настап на премиерката Брнабиќ и „нејзините“ министри, кои ја користат секоја пригода да му се заблагодарат на претседателот Вучиќ. Јавна тајна е дека сите одлуки ги носи Вучиќ, што е целосно потсмевање на политичкиот систем. Брнабиќ многу брзо по преземањето на функцијата поприма од наративот на напредњаците и во сите јавни настапи се обидува да го копира претседателот. Ана Брнабиќ, без каков било повод, доживува експлозија од самодоверба. Тој надмен став кон граѓаните произлегува од тоа што е свесна дека нејзината позиција не зависи од граѓаните, туку од претседателот на Србија. Таа знае дека ќе остане на тоа место сѐ додека го работи тоа што ќе ѝ се нареди – смета Стојановиќ.
Состојбата со министрите е сосема поинаква и Брнабиќ меѓу нив нема никаков авторитет.

– Министрите не ја доживуваат сериозно, но сепак тие се дисциплинирани, затоа што знаат дека таа ги извршува наредбите од Александар Вучиќ – објаснува Стојановиќ.
По изборот за премиерската функција, Брнабиќ се заложи за продолжување на економските реформи и забрзување на економскиот пораст на земјата, како еден од најважните приоритети. Експертот на виенскиот институт за економија Владимир Глигоров за „Данас“ изјави дека во економската стратегија на новата влада клучното отстапување е во фискалната политика што ја заговараше претходниот министер за финансии, а која не беше добра. Но, како што нагласува Глигоров, новата фискална политика што се најавува е уште полоша и не е насочена кон заштедите кај платите и пензиите.
– Се најавува поттикнување на потрошувачката, но не за да се постигне подобрување на ефикасноста во стопанисувањето, туку за да се обезбеди политичка поддршка. Тоа негативно ќе влијае на екстерната рамнотежа и на покриеноста на вложувањата со домашната заштеда, што подоцна ќе претставува проблем. Во економската политика отсуствуваат структурните реформи, а истото тоа важи и за реформите на јавниот сектор и државната управа – вели Глигоров.

Што се однесува за дигитализација и поттикнувањето на иновациите и претприемаштвото, што беше главна тема на премиерката Ана Брнабиќ, е направено многу малку.
– Не е зголемена интернационализацијата на српската економија, односно не е направено поврзување со производствените системи, пред сѐ во Европа, што би ја поттикнало и модернизацијата на домашната економија – забележува Владимир Глигоров.
Аналитичарот Цвијетин Миливојевиќ за најголем успех на владата на Брнабиќ го смета тоа што во првата година успеа на „мирен начин да ја предаде извршната власт во рацете на претседателот на Србија, кому, според Уставот, не му следуваат тие прерогативи“.

– Владата на Србија е единствена во светот што доброволно се откажа од она што е нејзина уставна надлежност. Владата на Брнабиќ не зависи од изборната волја на граѓаните и автономните ставови на 250 пратеници, туку од волјата на еден човек, кој истовремено е и претседател на државата и претседател на владејачката партија. Тој во практика е канцелар. Според нашиот устав, владата не е канцеларска, туку влада на еднакви гласови, во која претседателот на владата е само прв министер, односно еден од нив – вели Миливојевиќ за агенцијата Бета.
За успех на актуелната влада, според него, може да се смета тоа што се живее во мир, односно во некој вид релативна стабилност.
– Имаме релативно стабилен курс на динарот, што претставува психолошка стабилност за граѓаните. Има некои видливи акции на теренот, како на пример заживување на селото, но и тука има некои заплеткувања, како во случајот со откупот на малините. Во однос на надворешната политика нема напредок, а загрижувачки е тоа што прашањето за Косово и Метохија е лоцирано како надворешнополитичка тема во Србија – вели Миливојевиќ.