ЕУ ќе основа Европска школа за шпиoни во Загреб

86

Претставниците на 23 европски земји ќе потпишат во Загреб писмо со намери со кое ќе заврши проектот за основање Разузнавачки колеџ во Европа. Со тој документи ќе бидат утврдени целите на колеџот, неговата сфера на дејствување и неговото управување.

Идејата за основање колеџ ја покрена францускиот претседател Емануел Макрон со говорот на Сорбона во септември 2017 година, кога зборуваше за посилна Европа. Макрон тогаш изрази потреба за основање своевидна европска разузнавачка академија во која разузнавачките заедници на земјите членки на ЕУ дополнително ќе се зближуваат преку обуки, образование и размена.

Франција во март минатата година ги собра европските безбедносни и разузнавачки служби и тогаш почна работата за конципирање на Разузнавачкиот колеџ во Европа.

Учеството во Разузнавачкиот колеџ, што европските медиуми го нарекуваат „школа за шпиони“ е понудено на 30 држави (27 членки на ЕУ, Велика Британија, Норвешка и Швајцарија), а досега 23 држави потврдиле дека ќе го потпишат писмото со намери – Франција, Германија, Италија, Хрватска, Холандија, Унгарија, Португалија, Австрија, Белгија, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Малта, Норвешка, Романија, Словенија, Шпанија, Шведска и Велика Британија.

Проектот на Разузнавачкиот колеџ би требало да го води Грција со поддршка од Кипар, но концептот и колеџот ќе почнат со работа во Загреб.