ЕУ планира мигрантски кампови во Албанија или во Косово

107

На самитот во Софија лидерите на земјите-членки на ЕУ разговарале за можноста за отворање мигрантски кампови во државите од балканскиот регион, со што би се спречиле бегалците и мигрантите да влегуваат на територијата на Унијата, објави во денешниот број францускиот весник „Монд“.
Идејата, според весникот, потекнува од Данска и од Австрија, две земји што имаат евроскептични и антимигрантски влади. На 5 јуни, данскиот премиер Ларс Локе Расмусен најави дека е во разговори со австрискиот колега Себастијан Курц, чија земја на 1 јули го презеде претседавањето со Унијата, за создавање нов систем за азил во ЕУ, чија централна точка би било „отворање заеднички центри за прием и за протерување“.
Со други зборови, објаснува „Монд“, тоа би биле еден вид кампови каде што ќе се задржуваат мигрантите што немаат право на азил, а не можат брзо да бидат вратени назад.

Иако Расмусен не кажа јавно каде би се отвориле тие кампови, францускиот весник „од сигурни извори“ дознава дека станува збор за Албанија или за Косово.
Данскиот премиер изјавил дека е „во контакт и со други европски лидери“ и дека е „оптимист“ за проектот.
– Разговорите всушност се воделе на самитот во Софија на 17 мај помеѓу 28-те земји-членки и пет држави од Западен Балкан – тврди „Монд“, додавајќи дека плановите на Виена и на Копенхаген им се презентираат и на другите земји-членки на ЕУ.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Белгија тврди дека со неа не се извршени консултации, додека Холандија сѐ уште не се изјаснила за предлогот.
Данците, според „Монд“, се обиделе да ја придобијат Германија, која била „скептична“, додека Франција била „вчудовидена“ и се спротивставила за идејата.
– Незамисливо е балканските земји да прифатат такво нешто дури и со финансиска помош за возврат или со забрзување на нивната европска интеграција – изјавил француски дипломатски извор.
Дипломатски извори во Советот на ЕУ за МИА потврдија дека „неколку земји-членки на Унијата разговараат за оваа идеја“, но дека тоа не е предлог на австриското претседателство.