ЕУ-пакетот како замена за кинеските инвестиции

139
Искористувањето на инвестицискиот пакет од Брисел зависи од решавањето на политичките кризи

Поттикнувањето на инвестициите во регионот е важно за ЕУ, поради присутноста на другите големи економски сили, особено на Кина, која издвојува големи средства за инфраструктурни и енергетски проекти

Со новата методологија на процесот за пристапување во Европската Унија, Брисел за земјите од регионот понуди и нов инвестициски пакет. Во иднина самите држави од Западен Балкан ќе ги дефинираат своите проекти за потоа да бараат од ЕУ средства за нивно финансирање, а исто така постои и можност во овие проекти да се вклучат и приватни европски инвеститори. Инвестицискиот план ќе биде претставен во март, а најверојатно се работи за финансирање големи инфраструктурни проекти во областа на сообраќајот, енергијата и дигитализацијата. Поттикнувањето на инвестициите во регионот е важно за ЕУ, поради присутноста на другите големи економски сили, особено на Кина, која издвојува големи средства за вакви проекти, пишува „Ал џезира“.

Како можност за инвестирање се „зелените проекти“, со кои во рамките на „Зелениот план“ на ЕУ ќе се поттикнува развојот на еколошката индустрија, што може да биде особено привлечно за регионот, поради големите проблеми со загадувањето. Но искористувањето на инвестицискиот пакет на ЕУ во голема мера ќе зависи од решавањето на политичките кризи што се јавуваат во земјите. Во Босна и Херцеговина во прашање е доведен Дејтонскиот договор, има протести во Црна Гора по донесувањето на Законот за вероисповед, а има и застој во преговорите меѓу Србија и Косово, па сето тоа може да има индиректни последици и влијание и за другите земји во регионот.

– Затоа, пред сите инвестиции се воведуваат новиот модел и методологија за проширувањето, со кои се регулира владеењето на правото, сигурноста на инвеститорите, кои се плашат од политички кризи. Јасно е дека состојбата во БиХ нема да привлече ниедна инвестиција, освен некој шпекулант. Слично е и во Македонија, Црна Гора, тие процеси се лоши – вели Жељко Тркњец, уредник на порталот Еуроактив.хр.
Драган Ѓукановиќ, професор на Факултетот на политички науки во Белград и Центарот за надворешна политика, верува дека добивањето на инвестициските проекти, во секој случај, ќе зависи од политичката стабилност.

– Тоа ќе биде услов за да се добие ваков вид поддршка. Тоа ќе биде и порака испратена до сите балкански земји, односно дека овој инвестициски пакет нема да дојде доколку не се воспостави интерна стабилност – вели Ѓукановиќ.
Професорката на Факултет за политички науки во Сараево, Неџима Џанановиќ Мирашчија, смета дека инвестициските планови се важни, затоа што можат да го спречат и нарушувањето на односите меѓу регионот и ЕУ. Од причина што капиталните инвестициски проекти ги поддржуваат и неевропските земји, како што е Кина.

– Кризите, национализмот, реинвенцијата, великодржавните проекти, го уриваат владеењето на правото и се остава простор за корупцијата и клиентелизмот. Тоа потврдува дека ЕУ ја исцрпи својата можност во дадена рамка на дејствување. Не е време само за нова методологија туку и за нов концепт. Перспективата за членство во ЕУ, која се остава за некоја подалечна иднина, не е значаен фактор за стабилизирање на Западен Балкан. Уште повеќе што и со степенот на приближување кон Унијата не е доверлив показател за стабилност, што се гледа и низ примерот на Србија и Црна Гора, кои се поодминати во преговорите за членство и го предводат процесот за ЕУ-интеграции во регионот – вели Џенановиќ.

Во Загреб на шести и седми мај се одржува самитот на ЕУ – Западен Балкан, на кој ќе бидат усвоени политички декларации со кои ќе се искаже ставот дека регионот е дел од интересите на ЕУ. Самиот треба да отвори нови перспективи за регионот. Но значајни политички поместувања во контекст на проширување на ЕУ бараат промена на политичката парадигма, а за тоа ќе треба да се почека нова генерација на политичари во регионот и во ЕУ, сметаат аналитичарите со кои се консултира „Ал џезира“.