Еуфорија во Загреб по настапот на Брена со песната „Југословенка“

329

Поттикнати од концертот на Лепа Брена во Загреб, четворица хрватски генерали во пензија побараа од државните органи да се провери за секоја јавна личност, естрадни ѕвезди или функционери од Србија дали учествувале во некаков вид агресија на Хрватска

Настапот на српската пејачка Лепа Брена, на саботниот концерт во преполната „Арена“ во Загреб, ја разбранува домашната јавност, а во хрватските медиуми доминираа текстовите за еуфоријата на публиката, која во еден глас го пеела некогашниот балкански хит „Јас сум Југословенка“. На првиот од двата распродадени концерти, Брена направи вистински спектакл. Таа на сцената се појави спуштајќи се од покривот на концертната сала, седејќи на голема златна ѕвезда, објави „Јутарњи лист“

По десет години, Лепа Брена повторно одржа концерт во главниот град на Хрватска. Нејзиниот саботен концерт го следеа и нејзиниот сопруг Боба Живојиновиќ и синот Стефан. Атмосферата на концертот постојано се загреваше, по изведувањето на нејзините хитови, а кулминација доживеа со песната „Југословенка“. Настапот на Брена беше проследен и со огномет.

На социјалните мрежи во Хрватска и во Србија се редеа голем број коментари под видеоснимката што беше објавена на „Јутјуб“ за изведбата на српската фолк-пејачка.
– Оваа песна е за сите нас што бевме против каква било војна. Таа е симбол на заедништвото и соработката. Брена кралица. Само таа може да пее дека е Југословенка во Загреб. Брена е единствена – беа дел од коментарите, пишува „Слободна Далмација“.

Поттикнати од концертот на Лепа Брена во Загреб, четворица хрватски генерали во пензија побараа од државните органи да се провери за секоја јавна личност, естрадни ѕвезди или функционери од Србија дали учествувале во некаков вид агресија на Хрватска. Под насловот „Национална срамота во хрватскиот главен град“, генералите Иван Тољ, Иван Капулар, Маринко Крешиќ и Миле Чук, во неделата, во соопштение до јавноста „предупредија“ дека на концертот на Брена се виореле југословенски знамиња со ѕвездата петокрака, под која се „направени голем број злосторства над хрватскиот народ“.

– Во Загреб, на 14 и 15 декември 2019 година, се случи јавно срамотење на хрватскиот народ и Република Хрватска. Фахрета Јахиќ Живојиновиќ, позната како Лепа Брена, одржа заеднички концерт во загрепска „Арена“, концерт на кој ги фрли во транс обожаватели на нејзиниот лик и „дело“. Дали е таа истата Лепа Брена што се сликаше во Брчко за време на великосрпската агресија во маскирна облека на непријателските формации што јуришаа на Хрватска, Босна и Херцеговина, уриваа градови и села и убиваа невини луѓе – пишуваат хрватските генерали во пензија.

Тие го застапуваат ставот дека со настапите и посетите на српските лица се нарушуваат суверенитетот и угледот на хрватската држава и се навредуваат чувствата на хрватските бранители и граѓани.