Турција презема енергични мерки за да открие евентуални манипулации

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган нареди истрага за можноста за манипулација со националната валута, што доведе до брз пад на лирата, која достигна рекордно ниско ниво во однос на доларот.
Ердоган го задолжи Државниот надзорен совет, агенција за ревизија што поднесува извештаи до претседателството, за да ги идентификува институциите што купиле големи количества девизи и да утврди дали дошло до какви било манипулации.
Турската лира минатата недела падна на рекордно ниско ниво, откако Ердоган вети дека ќе се одржува политиката за ублажување на каматните стапки. Лирата годинава изгуби 45 отсто од вредноста, а половината од вредноста се стопи во последните две недели. Националната турска валута се разменува по 13,45 лири за еден долар. Падот се случи по говорот на Ердоган на 23 ноември, кога го бранеше потегот на националната централна банка за намалување на референтната каматна стапка на 15 отсто наспроти инфлацијата од 20 отсто. Ердоган изјави дека Турција води „економска војна за независност“ и дека нема да потклекне на притисокот за промена на курсот.