Ердоган во Брисел побара помош за бегалците

186

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска се сретнаа во Брисел.

Ердоган допатува во европската престолнина да се сретне пред се со раководството на ЕУ, средби на кои ќе се разговара за хуманитарната ситуација на турско-грчката граница.

Неговата посета во НАТО ја објасни самиот Ердоган, велејќи дека дошол со барање за помош бидејќи „турската граница е граница на НАТО”. Според него, „ниту една земја го нема луксузот да остане рамнодушна на нападите и хуманитарната катастрофа во Сирија”.

Ердоган побара повеќе напор за решавање на сирискиот проблем и потсети дека Турција е „домаќин“ на 3,7 милиони бегалци.

– Очекуваме конкретна поддршка од сите наши сојузници – истака Ердоган и рече дека НАТО е во критична фаза кога мора да ја покаже солидарноста на Алијансата со Турција.

За бегалската криза Ердоган изјави дека е „сосема неразумно и несфатливо дека еден сојузник, соседна земја, покажува кон Турција како одговорна за бранот на регуларната миграција”.

– На генералниот секретар му реков дека ние нема да дозволиме таа земја да ја користи оваа ситуација и да ја користи ЕУ за да добие неоправдани добивки за себе – рече Ердоган.

Својата изјава тој ја заврши со зборовите дека „Турција придонесува за силата на НАТО, а НАТО придонесува за силата на Турција“.

За него е клучно сојузниците да покажат солидарност колку е можно побрзо и очекува дека тоа ќе биде сторено. Првиот човек на НАТО изјави дека разговарале за безбедносната ситуација во Сирија и бегалската криза. Тој изрази задоволство што трае прекинот на оган и додаде дека е потребна заштита на цивилите и пристап за хуманитарната помош во Сириј.

– Турција е најзасегната од терористичките напади и има најмногу бегалци. Ниту една друга земја не страдала толку од тероризам, и НАТО ќе ја поддржува Турција – вети Столтенберг. Тој објасни дека во последните години Турција добила пет милијарди долари помош за одбраната.

– Тоа покажува колку сме посветени на турската безбедност – рече шефот на НАТО и потсети дека миграцијата и бегалците се заеднички предизвик.