Епир и Јанина преплавени со марихуана од Албанија

55

Дрогата поминува преку албанско-грчката граница низ разни патишта, а криминалните групи имаат софистицирани форми за нејзин шверц, ја кријат во разни предмети и материјали по што таа во најголем дел се дистрибуира низ Европа

Официјалните податоци на грчката полиција покажуваат раст на случаите на запленета марихуана во северниот дел на земјата, во областа Епир, главно кај Јанина. Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на полициската статистика, пишува дека во последните две години случаите на запленета дрога пристигната од Албанија бележат раст од 232 отсто. Во акциите уапсени се 306 лица, главно Албанци.

Дрогата поминува преку албанско-грчката граница низ разни патишта, а криминалните групи имаат софистицирани форми за нејзин шверц, ја кријат во разни предмети и материјали по што таа во најголем дел се дистрибуира низ Европа.
– Во текот на 2016 година само во подрачјето на Епир запленети биле 2,7 тона додека следната година дури 9,2 тона марихуана. Годинава само во ова подрачје запленети се неколку тона, додека на целата територија на Грција 6,7 тона марихуана пристигна од Албанија. Во сузбивањето на недозволената трговија со дрога по должината на границата, грчката полиција е организирана во помали и флексибилни групи – пишува „Катимерини“, во написот под наслов „Северна Грција потоната во марихуана од Албанија“

Врз основа на информациите добиени од страна на грчките власти, ако осомничените ја преминат околијата Јанина, тогаш полициските сили се мобилизирани во втората зона, главно во Арта, каде што има поставено контролни полициски пунктови. За поуспешно справување со оваа појава, на грчките полицајци им помагаат и припадници на Фронтекс.