ЕК: Западен Балкан е дел од Европа

69

Отворањето на преговорите со Македонија и со Албанија претставува историска одлука, изјави Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија, во својот годишен говор за состојбата на Европската Унија. Таа потврди и дека во текот на наредните недели Европската комисија ќе презентира нов пакет за економско закрепнување за целокупниот регион. Таа рече дека Западен Балкан има место во Европската Унија.
– Ние ја делиме истата историја, истата судбина. Тоа е дел од Европа, а не станица на Патот на свилата – рече Фон дер Лејен.
Европската комисија (ЕК) на почетокот на епидемијата годинава најави дека ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан со 3,3 милијарди евра за справување со здравствената криза, како и со социоекономските последици од неа.
Европската комисија најави и дека подоцна во текот на оваа година ќе биде лансиран широк економски и инвестициски план за целиот регион, кој ќе им биде презентиран на лидерите на земјите од регионот на 6 мај, кога ќе се одржи самитот ЕУ – Западен Балкан.

Овој план за регионот има цел да го поддржи економското закрепнување на шесте земји од регионот по здравствената криза со коронавирусот. За периодот 2021 – 2027, Европската комисија предлага вкупниот износ на претпристапниот инструмент да изнесува 14,5 милијарди евра, од кои најголем дел ќе биде за земјите од Западен Балкан, и предлага значително зголемување на финансиските гаранции за поддршка на јавните и приватните инвестиции во регионот преку воведување посебен инструмент.
ЕК инсистира економското закрепнување на регионот да биде фокусирано на зелената и дигитална транзиција, за да се рестартираат и модернизираат економиите на земјите од регионот, објави МИА.