„Езерото Трамп“ ги разбранува страстите на Косово

347
Транспарент со името на Доналд Трамп, неодамна поставен на браната на езерото, беше уништен

За жителите на северно Косово, преименувањето на локалното езеро познато како Газиводе за Србите и Ујман за Албанците, во чест на американскиот претседател Доналд Трамп претставува непријатно изненадување, пишува „Политико“.  

– Ги видовме вестите на Фејсбук пред да станеме свесни за промената. Никој тука не знаеше за промената на името на езрото – вели 65-годишниот земјоделец Саво Дашиќ кој живее во близина на мостот што поминува преку езерото.

Властите на Србија и на Косово одбија да го делат езерото кое се наоѓа на нивна територија. Езерото и мостот, наводно, беа преименувани откако лидерите на Србија и на Косово ја прифатија таквата идеја.

 – Двајцата лидери ја прифатија можноста и кажаа дека се согласуваат со името езеро Трамп – кажа специјалниот претставник на САД за Косово, Ричард Гренел, во телевизиско гостување.

Табли со новото име се појавија кон крајот на минатиот месец, што претставува последица од напорите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за поттикнување на економската соработка помеѓу двете страни, која многумина балкански аналитичари ја окарактеризираа како разочарувачка.

– Не прифаќам да живеам под „мостот Трамп“, без разлика што пишува на таблата на мостот  – вели Дашиќ.

Договорот потпишан во Вашингтон не го решава прашањето на името, ниту правото на користење на водата. Спогодбата предвидува американското министерство за енергетика да изврши физибилити студија за езерото. На езерото има хидроелектрана која беше финансирана од Светската банка, но нејзиниот капацитет опадна, што се должи и на спорот помеѓу Србија и Косово.

Таблите со новото име поставени ноќе од непознати извршители, според локалното население, не издржаа долго. Таблата на мостот исчезна, додека транспарент со името на американскиот претседател, поставен неодамна на браната на езерото, беше уништен. На една табла пишуваше „претседателе Трамп косовските Срби ти се заблагодаруваат за носењето на мирот“.

– Не го поддржувам преименувањето на езерото. Тоа беше создадени за време на поранешна Југославија од нашите предци. Мислам дека не е фер Американците да дојдат и да го преименуваат нашето езеро – смета локалниот жител Иван Јакшиќ.

Но, косовскиот премиер Авдула Хоти го прифати предлогот за преименување на езерото, како што истакна на Твитер. Аналитичарите, сепак, тврдат дека ставот на Хоти има цел за одоброволување на Вашингтон.

 – Договорот не беше од клучно значење за Косово, ниту за носење на траен мир во регионот. Гледаме дека администацијата на Трамп има мало познавање за регионот – вели Луљета Алиу, активистка за човекови права и политичка коментаторка од Косово.

Потпишувањето на договорот во Вашингтон предизвика сомнежи во косовската јавност во врска со уверувањата дека САД се целосно на страната на Косово, додека во српските медиуми беше претставен во подобро светло, заклучува „Политико“.