Една година без власт на државно ниво

43

Босна и Херцеговина, последните 25 години, при конституирањето на власта секогаш била поблиска до партиските и личните интереси на политичарите, отколку до јавниот интерес

Една година од одржувањето на општите избори во Босна и Херцеговина не е формирана власта на државно ниво, а неизвесно е и кога ќе биде воспоставена, бидејќи разговорите на политичките партии влегоа во ќор-сокак, пишува порталот Хабер.ба.
На државно ниво во БиХ има именувано технички Совет на министри, иако законски не постои таква можност. Така, претседавачот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ Денис Звиздиќ, ја извршува паралелно и функцијата на претседавач на Советот на министри на БиХ. Тој му ги дал овластувањата на својот советник за потпишување на сите акти што се носат во Претставничкиот дом. Звиздиќ го направил ова за ефикасно извршување на редовните работи и задачи на оваа институција. Тој не е единствениот функционер што по одржувањето на општите избори во октомври лани се наоѓа на две функции.

Ведран Џихиќ, претседавачот на Факултетот на политички науки на Универзитетот во Виена, во изјава за Радио Слободна Европа, вели дека власта не разбира дека таа треба да биде во служба на граѓаните, а не нешто зад кое стојат поединечни интереси и просто остварување на моќта.
– Ова може да се нарече и политичка лакрдија околу конституирањето на власта. Политичката номенклатура е неподготвена да се соочи со централните проблеми на граѓаните на БиХ. Станува апсурдна состојбата, во која веруваме дека ние можеме без власт. Значи, дали некој вид технократска алтернатива за БиХ од перспектива на граѓаните и граѓанската теорија е подобра опција од ваквата власт што ја имаме – се прашува Џихиќ.

Според неговите зборови, доколку Босна и Херцеговина се набљудува последните 25 години може да се заклучи дека конституирањето на власта секогаш била поблиска до партиските и лични интереси, а не до јавните интереси.
– Ние имаме една политичка и институционална структура што паразитира во телото на Босна и Херцеговина и тоа се случува долго. Тоа паразитирање на некој начин се камуфлира од системот на етно-политика и националистичката реторика, која ги прикрива вистинските интереси. Мене повеќе ме интересира зошто во БиХ не доаѓа до револуционерна или до друг вид побуна на народот – додава Џихиќ.

Професорот Јасмин Хасиќ, шефот на Отсекот за меѓународни односи и ЕУ-студии на Интернационалниот универзитет во Сараево, вели дека станува збор за политичка криза што ќе се одрази врз граѓаните, затоа што државата и нејзините институции немаат директно влијание на здравството, образованието и потребите на граѓаните.
– Неименувањето на Советот на министри предизвикува домино-ефект и во наредниот период, доколку се заострат политичките тензии, нема да се именува ни федерална влада, а и некои кантонални власти. Тогаш можеме да говориме за политичка криза што влијае врз граѓаните – вели Хасиќ.

Поради неформирање на власта, за решавање чекаат голем број општествени, социјални и економски прашања.