Евтината забава ги (из)брка гостите од Будва

871

Туристичките работници во Будва се загрижени од податокот дека најголемиот број гости се нископлатежна клиентела

Црна Гора

Во Будва годинава изостана јулскиот шпиц препознатлив со километарските колони од автомобили со туристи што чекаа за влез во градот и метежот на шеталиштата и на плажите. Многубројните хотели и пансиони за приватно сместување се полупразни, а т.н. јулска „дупка“, како што ја нарекуваат будванските туристички работници, трае повеќе од 20 дена.

Иако од Туристичката организација тврдат дека во општината престојуваат помалку од 58.000 гости, или пет отсто повеќе од лани, овие податоци не се релевантни, затоа што немаат податоци за исполнетоста на бројот на леглата во приватното сместување и изнесените податоци за посетеноста на Будва се базираат на процена. Познавачите на туристичките услови во градот посочуваат дека проблемите треба да се бараат во лошата туристичка стратегија, која Будва во изминатите години ја претвори во град на евтина забава. На ова треба да се додаде и некреативната промоција, која со години се форсира од државните и локалните туристички центри, пишува онлајн-изданието на „Вјести“.

Во оваа туристичка сезона најмногу загрижува фактот што најголемиот број гости се нископлатежна клиентела, за што градските власти најавуваат остри резови за наредната сезона.

– Точно е дека годинава имаме помалку гости за неколку проценти. Во периодот од 10 до 18 јули имаше значително намалување, кое изнесуваше десет проценти. Тоа што ме загрижува е што повеќето од гостите се со намалена платежна моќ. Будва, дефинитивно, мора да направи некои промени. Тоа што сега го имаме не претставува сериозна туристичка понуда. Мерките треба да се однесуваат на ограничување во поставувањето на привремените објекти и да се донесат нови планови, кои Будва ја ставаат како сериозна туристичка дестинација – вели градоначалникот на Будва, Драган Краповиќ, во изјавата за „Вјести“.

Тој очекува годинешната туристичка сезона да заврши успешно, за тоа говори и добрата посетеност на хотелите во мај и јуни. По падот во јули, во општинската каса се влеале 1,2 милион евра по основа на такса за престој, што е за 30 отсто повеќе од истиот период лани. Ова се должи на намалувањето на сивата економија во приватното сместување и подобрување на евиденцијата за леглата кај индивидуалните изнајмувачи.
Хотелиерот Драган Пурко Иванчевиќ вели дека причина за лошата пополнетост во шпицот на сезоната се лошите подготовки.

– Будва е сведена на евтин панаѓур. Она што беше одлика за Сутоморе, денес се однесува и за Будва. Гостите се преселија во Тиват. Мораме како сериозна градска власт поинаку да ја конципираме туристичката понуда и изгледот на нашите туристички места на ривиерата. Начинот на управување со туристичките ресурси и нивната промоција мора да биде поинаков – вели Иванчевиќ.

Граѓаните во своите коментари до весникот, како една од причините за слабата посетеност на будванската ривиера, ја посочуваат и нељубезноста на туристичките организации што се гледаат низ призмата на пари.

– Бев во Албанија пет дена и многу е поповолно за разлика од Црна Гора. Домаќините не гледаат како да ти ги одземат сите пари и се трудат гостите да им се вратат и следната година. Во Црна Гора не даваат ни крпа да се постели затоа што на плажата некој опасен тип, кој ја закупил, бара да се изнајмат лежалки – напишал еден граѓанин.