Европски „јамб“ во најава

123
Западен Балкан останува приоритет за Европската комисија

Сите присутни на балканската вечер(а) говореа за оптимизмот, ентузијазмот и позитивната атмосфера што се емитира од Брисел, по изборот на новата европска администрација. Ова е целосно свртување во политиката на ЕУ кон земјите од Западен Балкан

Нов европски пакет на инвестиции за подобро поврзување и поголем економски пораст во земјите од Западен Балкан. Оптимистички најави за отворање на преговорите со Скопје и со Тирана, пред загрепскиот самит на ЕУ, кој ќе се одржи во мај годинава. Ова се информациите што произлегоа од работната вечера во Брисел, која во неделата беше организирана од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Сите присутни на балканската вечер(а) говореа за оптимизмот, ентузијазмот и позитивна атмосфера што се емитира од Брисел, по изборот на новата европска администрација. Ова е целосно свртување во политиката на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, по минатогодишните црни прогнози за одложување на процесот на проширување. Познато е противењето на францускиот претседател Емануел Макрон, кога во октомври лани на Скопје и Тирана им беше кажано дека тоа ќе биде така сѐ додека не се реформира Унијата. Тогаш Франција, поддржана од Данска и од Холандија, стави вето на отворањето на пристапните разговори меѓу Европската Унија и двете земји.

На работната вечера во Брисел присуствуваа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, високиот претседателот на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеф Борел со лидерите од Западен Балкан, односно претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама,; Жељко Комшиќ, претседавач со Претседателството на БиХ,; црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, го истакна геостратегискиот интерес за приближување на балканскиот регион кон Унијата.
– Ја сменивме методологијата, која треба да ја обнови и довербата на двете страни и да се воспостави кредибилна перспектива за пристапување во ЕУ – изјави Лејен.
Таа додала дека Западен Балкан е приоритет за ЕК, која пред самитот во Загреб ќе подготви важен инвестициски пакет.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пред средбата со европските претставници и лидерите од Балканот, рече дека ќе се разговара за продлабочување на партнерството, со назначување на јасните насоки за неопходниот напредок во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, по состанокот во Брисел, наведе дека Унијата мора да има јасна политика во регионот.
– И за мојата земја, по чекањето на толку многу генерации, 15 години земја-кандидат, 11 години од првата препорака за почеток на разговорите, секогаш беше спорот за името. Го решивме, имаме многу добар случај на агендата за реформи дома и мислам дека да не се каже „да“ за зелено светло за Северна Македонија во март е во суштина да се каже „немаме политика за регионот“, за регионот што е среде Европската Унија – изјави Димитров.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја нагласи „искрената посветеност на функционерите на ЕУ за напредокот на целиот регион и желбата на луѓето што живеат на Западен Балкан да ги почувствуваат благодатите од пристапувањето во ЕУ.
– Многу работи во Европа ќе бидат свртени кон Балканот. Особено е важно што ќе пристигнуваат инвестициски проекти, а тоа ќе може да се види уште во март – додаде Вучиќ.

Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска, која е претседавач на Европската Унија, изјави дека промената на методологијата за проширување влијаела врз Франција веќе да не му се противи на тој процес, но оти сега треба да се уверат уште Холандија и Данска.
Тој додаде дека очекува до крајот на март да се заокружи и усвои ставот на Унијата за почеток на преговорите со Македонија и со Албанија.