Европските избори ја разнишаа позицијата на Борисов

184

ГЕРБ освои едно пратеничко место повеќе од својот најголем конкурент

Централната изборна комисија на Бугарија ја објави конечната распределба на 17 мандати во новиот состав на Европскиот парламент. Во ЕП ќе има претставници од пет партии – ГЕРБ, БСП, ДПС, ВМРО-БНД и Демократска Бугарија. Владејачката партија на Бојко Борисов, ГЕРБ, добива шест мандати, а опозициската БСП е на второто место со пет претставници. ДПС ќе има тројца пратеници, а ВМРО – два. Демократска Бугарија испраќа еден претставник во Брисел.
Борјана Димитрова, социолог и управителка во агенцијата „Алфа рисрч“, во разговор за „Денес“, изјави дека резултатите на европските избори ќе влијаат на судбината на партиите.

– Едни ќе треба да ги променат стратегиите за да преживеат, други – за да не тргнат по патот надолу токму пред клучните локални избори. Трети ќе мораат да работат на проширување на нивното општествено влијание. Иако во главните партии се задоволни од изборниот резултат, не би требало да се толку наивни и да не ги забележуваат црвените светилки – вели Димитрова.
Според неа, и покрај победата, Борисов нема да може да ја одржи позицијата, без да направи промени во Владата, во распределбата на клучни партиски позиции, без да ја размрда локалната партиска машинерија и да се создаде нов економски импулс во земјата.

– Развивањето само преку градежништвото и сообраќајниот сектор повеќе не се доволни. Социјалната инфраструктура и образовен капитал треба да почнат да создаваат вредност, инаку земјата ќе почне да заостанува катастрофално, а ГЕРБ постепено ќе ја губи изборната база. Од друга страна, за да му ја чува позицијата во парламентот од партијата на Каракачанов ќе бараат нови внатрешни поместувања во извршната власт, најверојатно во вториот ешалон – вели Димитрова.
Промената на демографската слика во Бугарија, поради големото иселување на бугарското население, ќе има влијание на идните избори, а најмногу ќе бидат изложени партиите, кои своите програми ги насочуваат кон посиромашниот слој гласачи.

– Затоа партиите што се потпираат на средната класа треба императивно да ги менуваат условите и можностите за реализација на образованите млади луѓе, да ја вратат автентичната смисла на граѓанското политичко дејствување и во политичкиот систем на земјата – вели Борјана Димитрова.