Европските избори предизвикаа земјотрес на грчката политичка сцена

539

Грчкиот премиер Алексис Ципрас најави дека ќе распише предвремени парламентарни избори, откако неговата партија СИРИЗА претрпе голем пораз на Европските и локалните избори во Грција, пренесува „Политико“.

Прелиминарните резултати покажуваат дека СИРИЗА добила само 24 отсто од гласовите на Европските избори, додека опозициската Нова демократија освоила 33 отсто. Ципрас, кој во 2015 година дојде на власт со платформата и мерките против штедење, призна дека исходот од изборите не бил според неговите очекувања.

Претходно, лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, повика на предвремени парламентарни избори, велејќи дека во Грција се случува големо менување на политичките сили на Европските и локалните избори, кои беа одржани во исто време.

Економските проблеми со кои се соочува Грција имаа голема улога во предизборјето. Во неговата кампања, Мицотакис вети дека ќе понуди даночни олеснувања на сопственците на имот и семејствата.

Некои медиуми исто така шпекулираа дека СИРИЗА го потроши својот политички капитал со Преспанскиот договор и преименувањето на нашата земја минатиот јуни. Панос Каменос, лидерот на партијата Независни Грци, по изборите се огласи на Твитер, критикувајќи ја левичарската коалиција на Ципрас. 

– СИРИЗА изврши политичко самоубиство со Договорот од Преспа – констатираше поранешниот министер за одбрана на Грција.