Европскиот сон станува кошмар за Балканците

281
Брзината на проширувањето на ЕУ зависи и од однесувањето на земјите-членки

Аналитичарите сметаат дека не може да се очекува да се оствари „европскиот сон“ за мнозинството балкански жители во наредните пет години, а можноста некоја земја од регионот да биде примена во европското елитно друштво во блиска иднина е сведена на минимум

Дали земјите од Западен Балкан се сѐ подалеку од зачленување во Европската Унија, по најновото попречување на Македонија од бугарското вето, со што се доведува во прашање и процесот за проширување на европската заедница на Балканот? Одговорот на аналитичарите е дека не може да се очекува да се оствари „европскиот сон“ за мнозинството балкански жители во наредните пет години, а можноста некоја земја од регионот да биде примена во европското елитно друштво во блиска иднина е сведена на минимум. За тоа има многу видливи сигнали. Во дијалогот меѓу Белград и Приштина не е на повидок постигнување конечно решение на косовското прашање, кое е клучно за европските интеграции на Србија. Црна Гора, која е отидена најдалеку во отворањето на поглавјата за преговори со ЕУ, поминува низ длабоки внатрешнополитички промени. Во Македонија, по новото бугарско вето, спласнува општото расположение за влез во ЕУ и за исполнување на европските „вредности“, додека Албанија се соочува со сериозни обвинувања за постоење висока корупција во земјата. Босна и Херцеговина со години не може да излезе од затворениот националистички обрач, кој не дозволува никакви реформи што се неопходни на сите нивоа.
– За да може Србија да влезе во ЕУ на 1 јануари 2026 година мора да има ратификувани договори од сите 27 членки на ЕУ, што значи таа ќе треба да ги заврши сите пристапни процеси до септември 2023 година. Тоа значи дека мора да ги отвори уште 16 поглавја и да затвори 32, вклучувајќи ги и клучните поглавја 23 и 24 во врска со владеењето на правото. Поради тоа ѝ останува малку време за да се оствари оваа цел – вели Владимир Меѓак, од Европското движење на Србија, во изјава за „Блиц“.

За земјите од регионот дополнителен и отежнувачки фактор за брзината за приближувањето на ЕУ е новата методологија за пристапување со т.н. кластери, што предвидува и враќање на земјите чекор назад доколку не се исполнат пропишаните критериуми и услови.
– Засега Србија не отвори само еден кластер што се однесува на надворешните односи и надворешната политика. За заедничката надворешна безбедност и одбрана немаме ни скрининг. Не е целта само да се влезе во ЕУ, туку од фундаментално значење е да се направат промени во општеството – вели Игор Новаковиќ, истражувач во Центарот за меѓународни и безбедносни работи (ИСАЦ).
Политикологот Марко Савковиќ европскиот напредокот на Србија го гледа во рамките на Балканскиот Регион, а особено низ спорот со кој се соочуваат Македонија и Бугарија.
– Ќе видиме како ќе се реши овој спор и дали Бугарија ќе продолжи да ја стопира Македонија на патот за ЕУ. Прашање е дали Србија и Црна Гора како земји од регионот што најмногу напредувале во европските процеси ќе можат да влезат сами во ЕУ или ќе се почека целиот Западен Балкан да се интегрира одеднаш – вели Савковиќ.

Прогнозите на политичките аналитичари се однесуваат на тоа дека ЕУ во наредниот период ќе биде насочена кон промените во самата европска заедница, додека проширувањето ќе биде ставено во втор план. ЕУ сега е фокусирана на соочување со последиците од пандемијата и на надминување на последиците од здравствената, економската и социјалната криза. Исто така, актуелен е проблемот со брегзит и изгласувањето на финансискиот план за исплата на средствата од европските фондови, за што има разидување на ставовите меѓу земјите-членки.
– Потребен ни е напредок во оваа деценија и барем една земја од Западен Балкан да биде подготвена за влез во ЕУ до 2024 година. Пристапните преговори се долгорочен процес, но ако не продолжиме да се движиме ќе бидеме во состојба ЕУ и европската иднина да станат дел од тактичката краткорочна политичка игра на политичарите од регионот.

Реформите во областа на владеењето на правото се тешки, со тоа имаме проблеми и внатре во ЕУ, затоа мораме да бидеме избалансирани во нашите критики кога се во прашања решенијата за толку тешки проблеми на Западен Балкан – вели Владимир Билчик, известувачот за Србија во Европскиот парламент, во интервју за „Дојче веле“.
Билчик посочува на неопходноста од поголемо ангажирање на ЕУ во регионот, за да се изгради поголема меѓусебна доверба и да се воспостави позитивен и конструктивен ангажман на земјите во процесот на приближување на европската заедница.