Европска помош за спас од валканите технологии

38

Во наредните пет години на земјите од Балканот на располагање ќе им бидат една милијарди евра, кои ќе бидат наменети за реализација на зелени проекти

Европската Унија подготвува пакет на еколошкиот проект „Зелена агенда“ за земјите од Западен Балкан. Во документот „Европска зелена политика“, кој е усвоeн од Европската комисија, се предвидуваат еколошки и економски партнерства со земјите од Балканот за намалување на зависноста од валканите технологии како јагленот, нафтата и мазутот.
Конкретните проекти сѐ уште не се дефинирани, не се знае ни конечната сума што ќе биде одобрена за оваа намена, но се наведува дека најмалку 25 отсто од сите средства за регионот ќе биде насочени за еколошки проекти, како што е изградба на електроцентрали на ветер и соларни панели, пренесува црногорскиот портал „Банкар“.
Ова значи дека во наредните пет години на земјите од регионот на располагање ќе им бидат една милијарди евра во грантови и кредити, со ниски каматни стапки, кои ќе бидат наменети за реализација на зелени проекти.

– Причините за климатските промени и губењето на биодиверзитетот се глобални и не се ограничени на националните граници. ЕУ може да ги искористи своето влијание, експертизите и финансиските ресурси да ги поттикне своите соседи и партнери да се приклучат на одржливи мерки – се нагласува во документот на Европската комисија.
Крајната цел на овие мерки е до 2050 година Европа да биде зона од која нема да се испушта повеќе јаглероден диоксид во атмосферата од она количество што ќе може да се апсорбира. До 2030 година е поставена меѓуцел, а тоа е од Европа да се емитира 55 отсто од јаглерод диоксидот во однос на 1990 година, со тенденција овој процент да се намали на 50 отсто.

Европскиот совет за надворешни работи во својата анализа истакнува дека постојат најмалку четири причини поради кои Европската Унија мора да го вклучи и Западен Балкан. Меѓу нив се и поврзаноста на двата енергетски системи, развиеноста на мрежата на обновливи извори на енергија, чиј капацитет може натаму да се проширува.
Неодамна беа објавени податоци дека петте земји од Западен Балкан во кои има 16 термоцентрали на јаглен загадуваат како 296 електроцентрали во ЕУ заедно. Како еден од важните услови за зачленување на БиХ во ЕУ е оваа земја да се откаже од употребата на фосилни горива, најдоцна за 31 година, но тоа ќе претставува болен процес за домашната економија. Речиси 70 отсто од производството на електрична енергија во БиХ се заснова на согорување на јагленот, а тоа би значело и останување без работа на илјадници рудари, објави Радио Слободна Европа.

Поранешниот директор на „Електростопансво БиХ“, Амер Јерлагиќ, се сомнева дека која било идна влада ќе може во толку краток период да се преориентира на користење класични обновливи извори на енергија. Во БиХ искористеноста на хидропотенцијалот е околу 40 отсто, а во земјите од Западна Европа тоа е 100 отсто. Инфраструктурата овозможува искористување на силата на ветрот до 20 отсто.

Босна и Херцеговина до 2020 година се обврза да го зголеми уделот на обновливи извори на енергија во бруто-финалната потрошувачка до 40 отсто. Од 2030 се поставени нови цели за енергетска ефикасност до 32,5 отсто од БДП на ниво на ЕУ, а обновливите извори на енергија би требало да зафаќаат 32 отсто што ќе значи намалување на емисијата на стаклени гасови за 40 отсто. БиХ во овој дел се движи со пионерски чекори.