Европската Унија да ја претвориме во водечка сила

56

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, завчера го одржа своето прво официјално обраќање, во кое ги претстави амбициозните планови за иднината на Европската Унија

Урсула фон дер Лејен ја објави својата визија

Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија, во своето прво официјално обраќање во Брисел, седиштето на Европската Унија (ЕУ), ја искористи шансата за да ги претстави клучните планови за европскиот одговор на здравствената криза, економската обнова, климатските промени, меѓународното дејствување на низа прашања, како и доселувањето и човековите права. Во својот говор, Фон дер Лејен особено се фокусираше на пет главни области од надлежностите на Европската комисија, како што пренесува „Би-би-си“.
Шефицата на ЕУ опширно зборуваше за заштитата на животната средина и најави амбициозен план за намалување на емисиите на стакленички гасови, со тоа што постави цел штетните емисии да се намалат за 55 отсто до 2030 година во однос на нивоата од 1990-тите години. Таа истакна дека оваа цел „иако е амбициозна, може да се постигне и од неа сите ќе имаат корист, а европската процена на влијанието јасно покажала дека европската економија и индустрија можат да го поднесат тој товар“.

Лејен притоа додаде дека и покрај воведувањето на карантините и ограниченото движење за време на првиот бран на коронавирусот, сепак температурите на планетата се опасно високи. Европските лидери ќе се состанат следниот месец за да разговараат за оваа цел, но се очекува да се јави отпор кај некои источноевропски земји, кои силно се потпираат на искористување на јагленот. Фон дер Лејен исто така соопшти дека 30 отсто од пакетот вреден 750 милијарди евра за обнова од пандемијата ќе бидат наменети за климатски проекти преку форма на зелени обврзници, велат од „Дојче веле“.
Пандемијата на коронавирусот исто така зазеде едно од поглавните места во нејзиното обраќање. Таа порача дека „пандемијата и неизвесноста сè уште се присутни, а обновата е уште во раната фаза“. Фон дер Лејен го пофали мултимилионскиот пакет за обнова на ЕУ со тоа што „се надминале стравовите и поделбите меѓу членките и се зајакнала меѓусебната доверба“, но и ја истакна потребата за поблиска соработка. Поранешната германска министерка за одбрана најави дека следната година во Италија ќе се одржи светски здравствен самит и дека ЕУ ќе отвори нова агенција за биомедицинско истражување и развој, соопшти „Би-би-си“.

Иако брегзит не доби големо внимание во нејзиното обраќање, сепак доби најголем аплауз од присутните членови на Европскиот парламент. Шефицата на ЕУ упати предупредувања до британската влада дека нема да се постигне договор со ЕУ ако кралството го игнорира ланскиот договор за излез од Унијата, упатувајќи на спорниот британски предлог-закон за внатрешен пазар, според „Дојче веле“. Од друга страна, британската влада посочи дека предлог-законот претставува „клучна заштита“ во случај да не се постигне трговски договор, меѓутоа многумина го критикуваа дека го крши меѓународниот закон и затоа ЕУ бара негово укинување.
Во однос на технологијата, претседателката на Комисијата побара поголеми инвестиции, за ЕУ да може да го држи чекорот со САД и со Кина. Таа порача дека „сака европскиот начин да биде водечки во дигиталната ера што ќе се базира на европските вредности, моќ и светски амбиции“. Фон дер Лејен соопшти дека 20 отсто од пакетот вреден 750 милијарди евра за обнова од пандемијата ќе бидат наменети за дигитални проекти, а дополнителни осум милијарди евра ќе се потрошат за најновата генерација на суперкомпјутери. Исто така, Лејен побара „двојна зелена и дигитална транзиција“ во време кога „суштински се менува светскиот конкурентен пејзаж“, наведува „Би-би-си“.

Пет години по мигрантската криза, претседателката на Европската комисија посочи дека предизвикала „силни поделби“ во ЕУ, а „дел од нив и денес се видливи“. Таа се осврна на овој проблем поради неодамнешниот пожар во бегалскиот камп „Мориа“ на грчкиот остров Лезбос, во кој илјадници мигранти и бегалци останаа повторно на улица. Лејен нагласи дека „болните слики од кампот се потсетник на потребата Европа да покаже единство, затоа што миграцијата е европски предизвик и сите држави мора да дадат свој придонес“, се вели според „Дојче веле“. Таа најави дека следната недела Комисијата ќе го претстави новиот пакт за доселување, кој ќе има хуманитарен и човечки пристап, а задолжително ќе се спасуваат животите на мигрантите што пристигнуваат преку поморските маршрути, како што пренесува „Би-би-си“.