Албанија е главниот извор на нелегална трговија со канабис во ЕУ, a огромни количини кокаин доаѓаат од Латинска Америка, покажува најновото истражување на Европол.

Исто така се вели дека пандемијата се повеќе се користи за нелегална трговија со лажни вакцини за коронавирус.

Според Европол, 40% од активните криминални мрежи во ЕУ се вклучени во трговија со дрога. Најраспространет илегален производ останува канабисот, кој во случајот на Албанија главно се транспортира преку море до Италија.

Дури 60 проценти од организираниот криминал вклучува насилство, но исто така и корупција, со подмитување и создавање на софистицирани милионски шеми. Шефицата на Европол, Катрин Де Бол, наведува дека извештајот за 2021 година покажува дека и двата индикатора се влошуваат.

– Нивното влијание врз граѓаните, економијата и владеењето на правото е огромно. Потребни се заеднички активности, нови политики и преиспитување на нашите активности. Акциите и заплените не се доволни – посочи Де Бол.

Корупцијата на европско ниво се проценува дека ја поттикнува трговијата со дрога, особено рекордните количини на кокаин кои пристигнуваат од Латинска Америка.