Државната матура како приемен испит за факултет

65

Државната матура ќе им овозможи на учениците истовремено да конкурираат на повеќе факултети во Србија

Учениците во Србија што сега посетуваат настава во втора година од средното образование ќе бидат првата генерација на матуранти што на крајот на 2020/2021 учебна година ќе полагаат државна матура и резултатите од неа ќе бидат директна влезница за упис на факултетите. Министерството за образование на Република Србија изработи проект за подготовка на образовниот систем за воведување на новиот концепт на завршен испит во средното образование. Министерот Младен Шарчевиќ во најавата на проектот изјави дека тој е значаен за унапредување на квалитетот на средното образование и ќе придонесе за достапност на високото образование до сите ученици. Сите ученици истовремено ќе полагаат државна матура, а факултетите ќе ги признаваат како тест, врз основа на кој учениците ќе се запишуваат на факултетите без да полагаат приемен испит, пишува „Политика“.

Втората специфичност на националната матура е што ќе се воведат идентични тестови во целата земја, на национално ниво, за разлика од досега, кога матурските испити се одредувани на ниво на училиште. Државната матура ќе им овозможи на учениците истовремено да конкурираат на повеќе факултети, нагласува Радивоје Стојковиќ, претседател на Националниот просветен совет и на заедницата на гимназии во Србија,
На факултетите ќе им биде оставено со сопствена волја да одлучат дали ќе ги задржат приемните испити, но намерата на новите измени и воведувањето национална матура е да бидат укинати приемните испити на поголемиот дел на високообразовните институции.

– Можно е примените испити, односно некои видови дополнително тестирање, да останат на уметничките факултети, како и на овие за кои постои големо интересирање на учениците, како што се Електротехничкиот, Правниот и Архитектонскиот факултет. Учениците што ќе завршат тригодишно средно училиште ќе имаат завршен испит на национално ниво, но тоа нема да претставува државна матура и влез на факултет – изјави Стојковиќ.

Испитот по мајчин јазик ќе биде задолжителен дел на националната матура за сите ученици, додека математика ќе полагаат сите ученици што овој предмет го слушале подолго од две години. Третиот дел на државната матура во гимназиите ќе биде по избор од т.н. листа на предмети за кои постојат стандарди за крај на општото средно образование, а тоа се хемија, физика, биологија, историја, географија, странски јазици и математика за оние што следеле настава помалку од три години. Во уметничките училишта ќе има тестови за уметничките предмети, а во средните стручни училишта за главните стручни предмети.

– Матурантите што сакаат, покрај српскиот јазик и математика, можат да полагаат и еден задолжителен предмет што е изборен, но и два или три други изборни предмети. Оваа можност е воведена во случај некои факултети, како Медицинскиот, за прием да побараат и положен национален испит од два изборни предмети – вели Стојковиќ, директор на новосадската гимназија „Јован Јовановиќ-Змај“.

Директорот на познатата Математичка гимназија во Белград, Срѓан Огњеновиќ, за „Политика“ изјави дека родителите и учениците се недоволно информирани за воведувањето државна матура, а Министерството за образование мора итно да направи сајт на кој ќе се ставаат сите потребни информации.

– Учениците мора да се подготвуваат за полагање сериозен испит, а ова се однесува особено за гимназијалците, затоа што тоа нема да биде исто како сегашниот матурски испит, кој е само формалност. За успешно спроведување на државната матура се неопходни сериозни подготовки, а има премалку вработени во Министерството. Од сериозните подготовки за државната матура зависи и иднината на илјадници матуранти – нагласува Огњановиќ.