Доктор Гугл открива нови заболени од сајберхондрија

48

Едно истражување покажало дека секој седми жител на Европа својата дијагноза ја бара на Интернет, а се претпоставува дека нивниот број е во пораст со зголемувањето на бројот на луѓето што знаат да користат компјутер

Постојаното пребарување информации за болестите на Интернет доведува до тоа луѓето да се чувствуваат сѐ полошо, а податоците извлечени од контекст предизвикуваат страв и желба веднаш да се посети докторот, да се направи анализа на крвта или промена на терапијата. Граѓаните на Србија сѐ почесто ги посетуваат сајтовите за диета, за лекување разни инфекции, за тоа како се лекуваат егземи, кои се најдобри средства за смирување или за добар сон.

Првите информации ги добиваат на Интернет, а потоа бараат совети од професионални лица. Лицата што ги посетуваат овие сајтови најчесто сами си утврдуваат дали имаат некоја дијагноза за срцеви заболувања, карцином на дебелото црево, простата или на дојките, дали имаат симптоми на полово преносливи болести, а толкуваат и резултати од лабораториски анализи. Откако ќе „утврдат“ од што боледуваат, потоа бараат совети од матичниот лекар и секако упат до специјалист. Некои, пак, следејќи ги советите на д-р Гугл, веднаш заминуваат во аптеките и ги бараат лековите што им ги „пропишале“ членовите од одделни фејсбук-групи, пишува во текстот на „Политика“.

Магистерката по фармација Татјана Шипетиќ, директорка на Фармацевтската комора на Србија, вели дека позитивно е тоа што Интернет им дава на пациентите да се информираат и да се запознаат за одредени заболувања, како и да се поврзат со лица што имаат иста болест за потоа со здравственото лице да донесат најдобра одлука за понатамошното лекување.

– Но проблемот со интернет-лекувањето е кога се посетуваат непроверени и најчесто пристрасни сајтови, кои рекламираат специфични производи или процедури на лекување. Односно даваат погрешни толкувања за некое заболување и често се даваат информации надвор од реалната состојба на пациентот. Пациентот на овој начин доаѓа кај медицинското лице со веќе оформено мислење и бара да му се направат конкретни анализи или терапии. Доколку некои лекари не согласат со нив, незадоволните пациенти продолжуваат со дополнителни истражувања на Интернет – нагласува Шипетиќ.

Постојаното пребарување информации за болестите кај пациентите предизвикува потешка состојба, која преминува во нов вид „заболување“, познато како сајберхондрија и интернет-анксиозност.

– Улогата на фармацевтот е во разговор со секој пациент да дојде до информацијата за неговата здравствена состојба, за терапијата што ја користи и за тоа кои лекови ги користи. Фармацевтот го учи пациентот како да ги зема лековите и да ги елиминира дилемите што постојат кај луѓето со користењето информации преку Интернет – вели Шипетиќ.

Докторката Тања Тирнаниќ од белградскиот Завод за кожни и полови болести предупредува на сѐ поприсутната сајберхондрија, која значи пребарување симптоми на Интернет и нивно поврзување со сериозни заболувања, што доведува до состојба на анксиозност и паника.

– Повеќепати ми се случило во ординацијата да влезе видно вознемирен пациент, кој тврди дека има рак на кожата, затоа што на фотографијата што ја направил за промената на својата кожа, по пребарувањето на Гугл ја пронашол под дијагнозата меланом. Во повеќето случаи е утврдено дека станува збор за себореична керитоза или за друга безопасна дерматолошка промена, како што е дерматофибром – вели Тирнаниќ.

Луѓето најчесто поради страв или недостиг од време не одат редовно на лекарски прегледи. Наместо тоа, полесно им е со часови да се советуваат на Интернет. Лекувањето преку онлајн-информации може да биде и многу опасно.

– На сајтовите може да се најдат информации што не се точни, кои не се доволно испитани и не се научно поткрепени со докази. Некогаш е тешко да се прави разлика меѓу точни и неточни информации, доколку не располагаме со доволно познавање за материјата за која се интересираат пациентите. Од друга страна, голем број болести можат да имаат многу слични симптоми, а самостојното одредување дијагнози и лекување може да доведе до катастрофални последици. Може да има и обратна состојба, кога пациентот преку Гугл одлучил дека нема сериозно заболување и на тој начин ја одложува посетата на лекар, што може да има сериозни последици. Или, кога пациентот си замислува дека има симптоми на инфаркт, а подоцна со детални прегледи и анализи се доаѓа до дијагнозата за желудочна кила – објаснува Тирнаниќ.

Една позната компанија, своевремено, спровела истражување, кое покажало дека секој седми жител на Европа својата дијагноза ја бара на Интернет, а се претпоставува дека нивниот број е во пораст со зголемувањето на бројот на луѓето што знаат да користат компјутер, пишува „Политика“.