Додик и Изетбеговиќ во „војна“ со декларации

202

Декларацијата на Партијата за демократска акција Бакир Изетбеговиќ е повик за дефинитивен распад на Босна и Херцеговина зад која стои бошњачката партија, изјави Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ.

– Фактот што СДА ја сака БиХ како држава во која тие како мнозинска заедница ќе одлучуваат така како што ним им одговара, претставува илузија што се одржува со години и која сега дефинитивно и конкретно е напишана и во нивната декларација. Тоа што го прават е директен повик на дестабилизирање на БиХ и уривање на основните принципи. Сите ние во Република Српска одбиваме каква било можност БиХ да се одржи надвор од двата ентитета и трите конститутивни народи – изјави Додик за РТС.

Одговорот на Република Српска ќе биде систематичен, а на опозицијата што ја зачува власта во БиХ ќе ѝ предложи да го напушти партнерството со СДА и нема да прифати никакви разговори со најголемата партија на бошњачката заедница.
– СДА треба да се врати на изворниот Дејтонски договор. Треба да се поништат сите неправилни одлуки со кои ѝ се одзедоа овластувањата на РС. Република Српска ќе ги преземе сите мерки за да се заштити – порача Додик.

Партијата на Бакир Изетбеговиќ минатиот викенд усвои програмска декларација што предвидува воспоставување три нивоа на власт во БиХ, со главен град Сараево, кој е политички, административен, културен и економски центар на земјата.
Потпретседателката на ФБиХ и новоизбраната потпретседателка на СДА Мелика Махмутбеговиќ, изјави дека е зачудена од силината на нападот и застрашувачки реакции од високите претставници на српскиот ентитет.

– Зошто се ваквите реакции во овој момент треба да се размисли. Сметам дека сите овие реакции и обвинувања се антидејтонски и ја уриваат државата Босна и Херцеговина и тие се непримерни, неосновани, злонамерни и тенденциозни – вели Махмутбеговиќ.

Таа не гледа причини за вакви реакции затоа што Програмската декларација, која е усвоена на конгресот на СДА и реформата на Уставот е идентична со претходните партиски документи од 2009 и 2015 година донесени на изминатите конгреси на партијата.

– Ова е дефинитивен став на СДА, кој е транспарентен, јавен и присутен со децении. Сакаме функционално правно уредена држава, членка на ЕУ, граѓанска држава каде што секој граѓанин ќе има еднакви права на секој дел во БиХ. Тоа е наше легитимно право. Јасно кажавме, какви било реформи на Уставот и промените во него може да дојдат само со договор на сите три народи, јасно го подвлековме тоа – вели Махмутбеговиќ.