Додик идентификува 40 британски специјалци во РС

262

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во својот последен телевизиски настап повторно говореше за присуството на 40 британски специјалци што дејствуваат на социјалните мрежи за да создадат паника на територијата на Босна и Херцеговина.
Додик во емисијата на Хепи ТВ рече дека во БиХ не постои никаков суверенитет, а доколку би го имале тоа, нема да може да доаѓаат странски војници а за тоа да не бидат информирани претседателството, Советот на министри и Министерството за одбрана на БиХ.

– Овде е присутна една воена единица на Алтеа, која е составена од околу две илјади војници од европските земји. Под изговор дека се јакне оваа структура, од Велика Британија се испратени 40 војници, а всушност тоа се 40 специјалци обучени за социјални мрежи, за да шират паника , а тоа се оправдува со наводно помагање за спроведување на фер и чесни избори – вели Додик.

Претседателот на РС истакна дека сите 40 Англичани се распоредени на нивна територија и не барале да воспоставуваат контакти со властите во Бања Лука.
Министерството за надворешни работи на Велика Британија деновиве објави извештај за влијанието на Русија во земјите од Западен Балкан, кое е особено изразено во Република Српска и во Босна и Херцеговина.