Дипломатијата и притисоците над помалите народи

210

Договорот меѓу Србија и Косово, кој беше потпишан во Белата куќа, е одраз на политиката на притисоци на големите сили над малите народи, но тој, секако, ја менува геополитичката состојба на Западен Балкан. Новите околности носат и нови актери – Руси, Кинези и Турци ги „пакуваат куферите“, додека Израел станува важен регионален актер

Вашингтонскиот договор и геополитичките влијанија во регионот

Протоколот за потпишување на Договорот за економска нормализација на Србија и Косово е дипломатски настан, на кој главни актери се српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти, со асистенција на американскиот претседател Доналд Трамп, што најдобро говори за понижувачкиот однос на големите сили кон малите народи. Протоколот на кој се согласија Вучиќ и Хоти е непримерен за документот што го потпишуваат, и претставува крај на јавната дипломатија што го одбележи 20 век, која ја востоличи американскиот претседател Вудроу Вилсон. Водејќи се од начелата на идеализмот, претседателот Вилсон на Париската мировна конференција, 1919 година, со својата програма „14 точки“ ја прекина практиката на заткулисно преговарање, систем во кој силата и дипломатијата дејствуваа во меѓусебна корелација. Разликата во статусот на големите сили и малите народи со тоа не исчезнува, меѓутоа, јавната дипломатија барем ги облече ракавиците, и силата и дипломатскиот притисок (често користени методи) ги затскри зад договорените и почитувани цивилизациски протоколарни норми.

Општо е познато како во текот на војната на просторите на поранешна Југославија, претседателот Бил Клинтон ја интензивира употребата на сите расположиви дипломатски и воени средства, со политиката на постојани дипломатски притисоци на владите од земјите во регионот. Да се потсетиме на Ричард Холбрук и на неговата шатл-дипломатија со која во Дејтон ги донесе тројцата лидери – Фрањо Туѓман, Алија Изетбеговиќ и Слободан Милошевиќ, ги затвори во соба и со методот ден-ноќ притисок или со пријателското „уверување“ на крајот ги седна на маса на кој е потпишан познатиот Дејтонски договор. Со дипломатијата на „притисок“ се уривани владите во регионот, Македонија го промени името, Косово и Црна Гора станаа самостојни држави итн.
При потпишувањето на новиот Вашингтонски договор беше повеќе од видливо дека Вучиќ, но и Хоти, впрочем, и не знаеја што потпишуваат, како осуденици седеа пред моќниот претседател на светската суперсила очекувајќи ја конечната „пресуда“. Ни самиот Трамп не ги знаеше деталите од договорот што се однесува на Србија и на Косово, ниту премногу го интересираше тоа. Договорот за економската нормализација го подготви многу способниот американски дипломат, сегашен амбасадор на САД во Германија и специјален пратеник на претседателот Трамп за Балканот, Ричард Гренел.

Тој е човек од доверба, кој целосно ги презема работите на „длабоката држава“ во регионот, односно ги анулира остатоците од политиката наследена од Обама и од Клинтон. Автор е на мини-шенген, но и на овој договор со кој од регионот се торпедираат Русите, Кинезите и Турците, и економските ресурси од регионот и идните инвестиции ги приспособува исклучиво на американските интереси. Секако, договорот ја исполнува и визијата на Трамп, а затоа ги зема предвид и интересите на Израел и на САД.
Спорот меѓу Белград и Приштина е стар над три децении и еден од главните предизвици за стабилност на Балканот. Но САД, преокупирани со други работи (војни), Балканот го предадоа во раце на Европската Унија, која требаше да господари и вредносно да го ревитализира регионот. Но со оглед на тоа што оваа империјална екипа максимално го опустоши Западен Балкан (од економски ресурси до „човечки капитал“) и притоа дозволи да извлечат корист и некои други (Русија, Турција), САД одлучија повторно да ја преземат работата во своите раце.
Албанија и Косово се стратегиски важни сојузници, со кои САД ја контролираат вратата на Јадранот (Отранската врата) и го спречуваат руското влијание кон Југоисточна Европа. Особено по влегувањето на Црна Гора во НАТО, САД воспоставија целосен надзор над просторот на Јадранско Море, што дефинитивно ја оневозможи проекцијата на руските интереси на просторот на Западен Балкан.

Со контролата над Отрант, Албанија заедно со Италија го набљудува и завршниот дел на проектираниот кинески поморски Пат на свилата, кој се протега од Тихи и Индиски Океан, со вклучување на Персискиот Залив, до Црвено Море, Суецкиот канал и Средоземно Море, до северен Јадран, односно до Риека, Копар и Трст – градови што би требало да бидат центар на натамошна кинеска трговија кон внатрешноста на Европа.
Пред неколку години, Џон Кери, државниот секретар во администрацијата на претседателот Обама, навести дека Србија наскоро ќе се најде на „линијата на огнот“ меѓу Вашингтон и Москва. Србија е опкружена со членките на НАТО, што секако се рефлектира на нејзината геополитичка положба. Србија е членка на Партнерството за мир и спроведува реформа во воениот и безбедносниот систем со стандардите на НАТО, но во исто време гради и силни врски со Евроазиската економска унија, како и со Турција. Тоа што особено им пречи на САД е фактот дека Србија ја одби примената на режимот за обврзувачки санкции кон Русија.
Оттука би било за очекување да јакнат идеолошкиот и воениот притисок на Србија, како и на државите во регионот, кои сѐ уште не се членки на НАТО.

Американската администрација е свесна дека е дојден моментот на конечно геополитичко обликување на регионот во согласност со западните геоекономски и геополитички интереси, кои вклучуваат и потиснување на руските регионални опции.
Според Вашингтонскиот договор, Американците го преземаат управувањето над енергетскиот систем Газивода. Во таа смисла, економската нормализација меѓу Белград и Приштина е голема дипломатска победа на Доналд Трамп, изјави Ричард Гренел и додаде дека целта на САД е овој дел од светот да се натера да се сврти кон Запад. Србија се обврзува и дека нема да користи кинеска 5Г-технологија, иако Вучиќ половина година претходно испрати писмо до кинескиот претседател во кое се колнеше на „вековно и челично пријателство“. Покрај Кина, Србија е присилена од регионална игра на моќта да ја исфрли и Русија (кои се два стратегиски партнера на Србија) бидејќи се обврза да купува западни енергенти, иако тие се поскапи од руските.

Косово одамна е во фокусот на американските корпорации. Според Енергетската стратегија за Косово од 2013 година, Косово располага со големи резерви на лигнит (базените Дукаѓини и Дреница со околу 12 милијарди тони), но и со олово, цинк, сребро, никел, манган, молибден и бор. Во Косово се води борба за 1.000 милијарди долари рудно богатство. Најголемиот рударски комплекс на поранешната држава – Трепча, кој се проценува на околу 500 милијарди евра природни ресурси, е преземен од заедничкиот американско-француски конзорциум, кој има концесија на 99 години.
Иако Косово профитира од признавањето од Израел, двете земји се доведени до неповолна состојба со одредбата од договорот своите амбасади да ги преместат во Ерусалим наспроти резолуцијата на ОН од 1967 и Резолуцијата од 2017 година, како и противењето на ЕУ. Гватемала и САД се единствени држави што отвориле амбасади во Ерусалим, а со ова Косово ќе биде прва, мнозинско муслиманска земја што се придружува, што е голема добивка за Израел, но не и за Косово. Со отворањето на амбасадата во Ерусалим, Србија трајно ќе ги наруши своите односи со Турција и со арапските земји, со кои последните години ја интензивираше соработката.

На крајот, американските инвестиции во патната и железничката инфраструктура на Србија и Косово ја менуваат геополитичката слика на регионот. Во американскиот фокус е фреквентниот паневропски транспортен Коридор 10 (Салцбург – Љубљана – Загреб – Белград – Ниш – Скопје – Велес – Солун) по кој Кина требаше да го реализира својот проект „Појас и пат“, а со новите вложувања ќе се поврзеше со јадранско-јонската и црноморската акваторија, со тоа ќе го засили присуството на американските и НАТО-силите во регионот.
Според многу толкувања, Вашингтонскиот договор, склучен со посредување на трета страна – САД, е правнообврзувачки договор, со оглед на одложениот рок од една година, со кој Србија де факто го призна Косово. Договорот секако е во функција на претседателската кампања на Трамп, со која сака да обезбеди уште еден мандат на чело на САД. Но овој дипломатски акт е потпишан од марионетските политичари во регионот, што секако ја менува геополитичката состојба на Западен Балкан. Новите околности носат и нови актери – Руси, Кинези и Турци ги „пакуваат куферите“, додека Израел станува важен регионален актер. Новата геополитичка матрица, која ја осмисли американскиот дипломат Гренел, го намалува влијанието на ЕУ, особено на Германија и на Франција, кои во своето натамошно дејствување во регионот ќе треба да се потпираат исклучиво на САД.

Анализа на Јадранка Половиќ, објавена на „Геополитика“
„Кога јавната дипломатија ги симнува ‘ракавиците’ останува голата сила“